Вистинска драма се одвивала вчера напладне во трговски центар во строгиот центар на Скопје. Двајца 19-годишни момчиња од Романија извршиле дрзок грабеж во златарница, користејќи сила врз вработената.
Тие влегле во дуќанот глумејќи заинтересирани купувачи и побарале да разгледаат накит. Во моментот кога продавачката ја извадила футролата со злато, тие со употреба на сила и ја грабнале од рацете и се дале во бегство.
Сепак, нивниот план пропаднал благодарение на брзата реакција на Единицата за интервентна полиција. Крадците биле пресретнати и уапсени уште на самиот излез од трговскиот центар.
„Кај нив се пронајдени 43 парчиња златен накит. Одземеното е вратено на сопственикот“, потврдија од МВР.

