Лишено е од слобода лицето што му се заканувало на кавадаречкиот градоначалник, и е спроведено во притвор, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
-Во саботата во 18:20 часот во ОВР Кавадарци e задржан Н.Ј.(32) од Кавадарци, кој во 14:25 часот е лишен од слобода на подрачје на СВР Битола, а бил баран по централен распис од ОВР Кавадарци поради основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ казниво по член 144, „демнење“ по член 144А и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394Г од Кривичниот законик, за што му се поднесени кривични пријави. Тој е изведен пред судија на претходна постапка во Основен суд Кавадарци, кој му изрече мерка притвор во траење од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор – соопштија од СВР Велес.
Претходно, синоќа, Јавното обвинителство информираше дека три лица биле обвинети за закани и загрозување на сигурноста на градоначалникот на Кавадарци, за еден бил предложен притвор.
– Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинение против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г. – соопштија од Обвинителството.
Според обвинението, тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус.
– Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол. Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство – споделија од Обвинителството.
Притоа додадоа дека второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој имал двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител проценил дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел и посебен предлог за определување мерка притвор.

