Жителот на долненското село Секирци, 46-годишниот Ицко Милески, е пренесен на клиниките во Скопје по сериозен напад од мечка кој се случил вчера околу 13 часот во атарот на селото Рилево.
Милески со пријател бил на вообичаена берба на печурки кога мечката ненадејно го нападнала. Нападот траел десетина минути, по што мечката избегала. Пријателот го донел повредениот во прилепската болница околу 14 часот.
Началникот на хируршкото одделение во прилепската болница, д-р Димитар Иваноски, ги опиша тешките повреди:
„Дежурниот лекар првично констатирал повреди на главата, значи имаше дел откинување на скалпот, имал каснатини на лицето, на носот каде дел од носот е откинат. Потоа имал угризни рани од заби на вратот и на градниот кош.“
Поради констатираното присуство на слободен воздух во градниот кош и сериозноста на повредите, пациентот е транспортиран на Клиниката за торакална хирургија во Скопје.
Според концесионерите во Долненскиот регион, досега не е забележан директен напад на мечка врз луѓе.
Мечката е заштитено животно со закон.

