2023 година би можела да биде најтоплата досега, 2024 ќе биде уште полоша, тврдат научници
Има околу педесет проценти шанси дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега, а 2024 година се очекува да биде уште полоша, предвидуваат научниците од американската влада.
Досега, 2023 година е трета најтопла година, рече Сара Капник, главен научник на американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА). А веројатноста дека ќе стане најтоплата е „речиси 50 проценти“, додаде таа.
Покрај глобалното затоплување, за тоа придонесува и цикличниот феномен Ел Нино, синоним за дополнително глобално затоплување, кој ја загрева површината на океаните. Треба да трае и по следната зима, прогнозираат експертите. „Најсилното влијание на Ел Нино ќе се случи во 2024 година“, изјави климатологот на НАСА Гевин Шмит.
„Затоа, очекуваме не само дека 2023 година ќе биде исклучително жешка, а можеби и рекордна, туку и дека 2024 година ќе биде уште потопла“.
И двајцата зборуваа на прес-конференција посветена на анализа на глобалните температури забележани минатиот месец, за кои НОАА потврди дека е рекорден месец.
Јули 2023 година беше најтоплиот месец досега забележан на земјата, потврди европската служба Коперник минатата недела.
„Важно е да се запамети дека оваа година ќе биде свежо во споредба со средината на векот, ако продолжиме да ја загреваме нашата планета со емисија на стакленички гасови“, рече Сара Капник.
Температурата на површината на океанот е особено вознемирувачка за научниците: постигна рекорд четврти месец по ред, според НОАА.
„Повеќе од 40 отсто од океанот моментално е под морски топлотен бран“, предупреди Капник.
Ова има потенцијално катастрофални последици за видовите што живеат таму, особено за коралите.
„Мајката природа ни испраќа порака, а таа порака е: подобро да дејствуваме сега, пред да биде предоцна да ја спасиме нашата клима, или со други зборови, да ја спасиме нашата планета“, рече шефот на НАСА, Бил Нелсон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа