Велјановски: СДС и Левица во коалиција од финансиски интерес, се бетонизира Карпош со нов ДУП за нови згради

 

На вчерашната седница на Советот на Oпштина Карпош со изгласувањето на ДУП за Градска четврт ССЗ 01, блок 10 од четврт ССЗ 01, општина Карпош, се случи промоција на Левица како евтин привезок на Сoцијалдемократскиот сојуз во општина Карпош. Оваа новоформирана коалиција помеѓу Левица и СДС нема ниту логична, ниту практична, ниту идеолошка основа, оценува Роберт Велјановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош. Основата, како што вели, е во финансискиот интерес и концесиите кон определени моќници.

Одамна е познато, додава тој, дека СДС во Карпош има концесии кон бизнис моќниците од „градежната мафија“, но во периодот пред нас треба да откриеме какви и колкави концесии има Левица.

„Како и да е, Левица Карпош своеволно се стави во функција на извршител на договорите на СДС со „градежната мафија“.

Повеќе од 100 изградени објекти на повеќе од 100 семејства кои постојат на терен, а не се вцртани во овој ДУП, СДС и Левица не ги гледаат, за нив тие не постојат. Крајно дрско и безобразно, тие 70% од опфатот на ДУП-от кој го изгласаа, во иднина го гледаат како рамна зелена површина. Значи, интересот и проблемите на овие граѓани се неважни, нема потреба од градинки, нема потреба од училиште, нема потреба од спортски игралишта, паркинзи, велосипетски патеки. Но, имаат потреба максимално да ги испочитуваат барањата и нарачките на „градежната мафија“.

Одвојте само 10-тина минути за посета на веб страната на Катастарот на Република Македонија и по кратко истражување на парцелите на кои што се вцртани зградите и деловните објекти во овој ДУП, ќе откриете исклучително интересни совпаѓања. Затоа гласно прашуваме:

Дали се ова имотните листови на истите фирми и истите личности за кои што Обвинителството на Република Македонија веќе има отворено обвинителни акти за можен сторен криминал и злосторства направени кон животната средина во Канцер паркот во Карпош 4?

Дали се работи за истата фирма за која е нарачано и вцртано бетонското чудовиште во ДУП-от за Влае 2?“, прашува тој.

Потсетува дека и граѓаните гласно негодуваа и протестираа за овие проблеми. И во трите случаи, како што рече, истите луѓе, истите фирми и истите сомнежи за криминал, вреден милиони евра.

„Со жалење констатираме дека Левица и СДС во Карпош повеќе се грижат за интересите на градежната мафија, отколку за интересите и потребите на жителите на Карпош.

Бидете уверени дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ цврсто стои во одбрана на јавниот интерес и интересот и барањата на жителите на Карпош. Затоа веќе разгледуваме неколку опции за понатамошно делување и ќе ги искористиме сите постоечки легални правни механизми за спречување на имплементацијата на овој штетен ДУП и исполнувањето на концесиите на СДС и Левица, кои очигледно ги имаат кон градежната мафија“, рече Велјановски.

31.03.2023 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега