Во текот на дебатата пратеникот Борислав Крмов од Левица се осврна на експозето од премиерот Димитар Ковачевски, при што меѓу другото, оцени дека не го разбира оправдувањето зошто се случува ротацијата на Алтернатива со Алијанса за Албаниците во владината коалиција. Според него, не држи наводното образложение дека целта е европска коалиција и тн. окрупнување, туку се работи за класично купување „ден за ден влада“, и како што рече, за целосно заложништво на СДСМ од страна на ДУИ.
Според него и, „СДСМ дефакто е веќе малцински партнер“, бројот на пратениците не е релевантен и најголем дел од министерствата не се во нивни раце.
-Над 90 отсто од клучните институции ги држи ДУИ, за СДСМ се само трошките, очигледно единствена мотивација е само да продолжат бизнисите, вели Крмов.
ДУИ, пак, според него, сега има два проблеми, првиот да спречи обединување на албанската опозиција, а вториот е внатрешната фракција. Влезот на АА во Владата, вели е за една година и потоа таа партија ќе биде делигитимирана.
Арта Биљали Зендели од ДУИ му реплицираше на искажаните ставови за проблемите во партијата.
-ДУИ може да има не два, илјада проблеми, но се додека вие се занимавате со ДУИ рејтингот на партијата само ќе расте. А на крај ќе дојдат избори каде сите ќе го земеме тоа што сме го заслужиле, рече Биљали Зендели.
Расправата за изборот на новите министри продолжува, откако по десетдневна дебата беа разрешени министрите од Алтернатива, за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи.
На 104. седница по изборот на министрите треба да се расправа и гласа за разрешување на пет заменици министри и да бидат именувани нови.