Опозицијата со 200 амандмани: Пониска акциза на горивата, повисоки плати за администрацијата

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата достави 200 предлог-амандмани на буџетот за следната година.

Пратеникот од таа пратеничка група Бојан Стојаноски рече дека нивните предлози се резултат на континуирана комуникација со стопанските комори, синдикатите, студентите, средношколците, граѓанските организации и токму затоа имаме предлози во областа на даночната политика, образованието, научноистражувачката работа, здравството, инфраструктура, спортот, културата, земјоделство.

„Буџетот за 2023 година изнесува рекордни 5,3 милијарди евра, што се должи на високата инфлација за оваа година, која ќе продолжи и во текот на идната година. Покрај инфлацијата, државата планира да спроведе и т.н. даночна реформа со која ќе се зголемуваат даночни стапки и даночен опфат кај данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка. До овој момент од Владата има само најави за некаква реформа, но сè уште нема ништо доставено до Собранието на Република Македонија, што претставува сериозен проблем поради неизвесноста во која се доведени стопанствениците, но и граѓаните. Неизвесно е дали ќе се врати во сила прогресивниот данок со стапка 80% повисока од основна и зголемување од 50% на данокот за рентање, капитални добивки и слични приливи на граѓаните“, рече Стојаноски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе побара намалување на акцизите за горивата со цел да се испадне во пресрет на домаќинствата, но и на транспортните компании со што очекуваат да се влијае на намалување на крајните цени на производите. Бараат дополнително одложување од една година на прогресивниот данок и сите измени во данокот за личен доход, како и викенд без ДДВ за прехранбени производи.

Амандманите ги опфаќаат и барањата на синдикатите, односно зголемување на средствата за плати за администрацијата за 15 проценти.

„Нека се прифати овој амандман, а синдикатите и Владата нека договорат како овие средства ќе се поделат. Дали линеарно или процентуално или, пак, ќе се направи усогласување согласно минималната плата е работа што треба дополнително да се преговара, ако колегите од мнозинството го прифатат овој амандман. Бараме и зголемување на платите во МВР за 10 отсто, но и ваучер од 3.000 денари за сите вработени во јавниот сектор за првите три месеци од 2023 година“, изјави Стојаноски.

Поднесени се и амандмани за инвестиции во областа на енергетиката, како и амандмани за младите што вклучуваат 100 милиони денари за реконструкција на студентските домови; 100 милиони денари за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови; 200 милиони денари за еднократна финансиска помош за сите ученици во основно и средно образование кои доаѓаат од семејства со примања до просечна плата; 200 милиони денари за покачување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари; 300 милиони денари за унапредување на науката и научно истражувачката работа.

„Пари во буџетот има. Тоа се пари од собрани даноци, но и рекордното задолжување кое ќе изнесува до 1,5 милијарди евра и ќе треба да го враќаме ние, нашите деца, но и нашите внуци. Буџетот од 5,3 милијарди евра власта планира да го троши на криминал и корупција т.е. тендери во четири очи. Ќе се даваат пари за јаглен кој треба да го обезбедат новоформирани фирми или, пак, проекти за кои и самите се свесни дека не се способни да ги реализираат за 5 години, а камоли за една. Поради погоренаведените причини, на Македонија во 2023 година ѝ се потребни предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат дали да продолжи расипништвото на оваа власт или консолидација, одговорно раководење со трошењето, но економски политики кои ќе донесат раст и развој“, рече Стојаноски.

22.11.2022 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега