СДСМ контра сопствениот лидер - Заев и Шекеринска НЕ зборувале за името

Прес-центарот на СДСМ го корегираше претседателот на партијата, откако во јавноста излегоа критики дека Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска со Филе договарале можни решенија за името, пишува Дневник.

-Побаравме од ЕK да го искористи грчкото претседателство за подиректно да се вклучи во решавање на долгогодишниот проблем. Предложивме неколку идеи како тоа би можело да се случи, за секако да конвергираме до конечната цел, да се најде решение, рече Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Штефан Филе, информирајќи за тоа што се разговарало на состанокот.

Од прес центарот на партијата го поправија својот лидер, тврдејќи дека на средбата не се зборувало за детали за преговарачкиот процес за спорот со името.

-На средбата воопшто не се разговараше за какви било детали поврзани со преговарачкиот процес за проблемот што Грција го има со нашето уставно име, што е логично бидејќи опозицијата не учествува во тој процес, велат од прес-центарот на СДСМ.

- За тоа која од двете, очигледно контрадикторни изјави е порелевантна за самата партија - онаа на лидерот Заев, со која тврди дека дури и конструктивно со идеи разговарал во Брисел за името на сред Божик (да не споменуваме дека Заев изрази големо задоволство од разговорите), или онаа на прес-центарот, која се обидува да го скрие фактот дека опозицијата преговара со странци за името, победува прес-центарот, пишува Дневник.

„Дневник“ ги праша социјалдемократите која од овие контрадикторни изјави за нив е релевантна. Оттаму одговориле дека меѓу двете изјави не постои разлика, за потоа во продолжение да се наведе одговорот во кој зборовите на Заев „проблемот за името поврзан со Грција“ да се преточат во оние од прес-центарот „барање за поголемо вклучување на ЕK кое во суштина значи поголем ангажман на ЕУ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен процес, вклучително и во поглед на добрососедските односи“.

-Дека биле во право оти е „вистинска“ изјавата од прес-центарот, а не онаа на лидерот Заев во која тој вели дека дал и неколку идеи за спорот со Грција, доказ било тоа што и во соопштението од ЕK за средбата во идентичен контекст се споменати темите на ургентни реформи во земјата во веќе познатите области, пишува Дневник. 

Според „Дневник“, од СДСМ немаат одговор зошто нивниот лидер, веднаш по средбата со Филе би изјавил дека се разговарало и за вклучување на ЕУ во преговорите со Грција за да се дојде до решение, ако тоа не било воопшто споменато. Всушност, пишува ДНевник, прес-центарот на СДСМ ден по средбата се обиде да ги прикрие изјавите на Заев со толкување за тоа што значеле неговите идеи кои во контекст на долгогодишниот проблем му ги споменал на Филе.

Заменичката на Заев,  Радмила Шекеринска во изјава за 24 Вести вели дека не се зборувало за името, отфрлувајќи ги обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека таа и Заев ги нарушиле позициите на Македонија во спорот со Грција.

-СДСМ, ниту било која друга партија, освен владејачката не учествува во преговорите околу разрешувањето на спорот со Грција. Согласно тоа, ниту можеме, ниту треба да лицитираме со предлози кои влијаат на процесот. Апсолутно е неточно дека влеговме во било кој детал од преговарачкиот процес, рече Шекеринска за 24 Вести.

Спротивно на ова, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за ТВ НОВА, истакна дека на средбата со Филе се разговарало за името.

-Разговаравме повеќе од времето за внатрешно реформскиот процес, а еден дел исто така разговаравме на наша иницијатива и барање за нивно директно и уште позначително вклучување во репавање на проблемот кој што нашата земја го има со Република Грција, а тоа е проблемот со името. Разговаравме на начини на кој што би можело пополека да се отвори дијалог, кој за жал постои формално, а не суштински. Тоа го обаравме од причина што реално треба да се искористи претседателството на Грција со ЕУ, вели Заев за НОВА тв.  

10.01.2014 - 12:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега