Мајките бараат од Владата продолжување на породилното отсуство до први септември

Продолжување на платеното породилно отсуство до први септември бараат мајките чие отсуство беше продолжено согласно времените мерки кои ги донесе Владата. Велат дека дури и градинките да се отворат, нема да бидат безбедни за бебињата со оглед на тоа што некои од нив имаат и по само осум месеци. Бараат Владата што е можно поскоро да донесе одлука, посочувајќи дека не сите имаат баби и дедовци кои можат да се грижат за децата додека родителите се на работа. 

-Градинките и да почнат со работа, средината се уште не е безбедна за нив. Иако учителките може да се негативни на тестовите за коронавирусот некое дете би можело да биде носител без никој да знае и да ја рашири болеста. Поради наложената социјална дистанца не можеме, а и не сите имаат услови да ги остават бебињата кај баби и дедовци или да ангажираме дадилки за кои не знаеме со кого биле во контакт претходно. Повеќето немаат ниту финансиска помош за вакво нешто, вели Бисера Кариц Каракаш. 

Досега, како што велат мајките, ФЗО и Влада си ја префрлаат топката, но добиваат еден ист одговор, дека породилното отсуство ќе трае се додека траат и времените мерки.

-Некои од мајките веќе се викнати на работа, иако не работат градинките. Иако се уште тие времени мерки кои што секогаш ги споменуваат, се уште ,се во сила, вели Милена Дабеска Симоска.

Од Министерството за труд и социјала веќе соопштија дека продолженото породилно отсуство ќе трае се додека траат времените мерки кои ги донесе Владата.

– За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19, се вели во соопштението од МТСП објавено во петокот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.05.2020 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега