Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј одбележан во Рим
Во чест на Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, 24 Мај, денеска во базиликата Сан Клементе во Рим, делегации на Република Македонија и Република Бугарија, положија цвеќе на гробот на Св. Кирил.
Делегациите ги предводеа вршителите на работи во амбасадите на Република Македонија при Светиот Престол и Република Италија, Александар Спирковски и Магдалена Димова, како и нивните хомолози од бугарска страна, амбасадорите Богдан Паташев и Тодор Стојанов. Беа присутни и вработените во амбасадите, а на делегациите им посака добредојде отец Стивен Хачинсон, јереј во базиликата Сан Клементе.
Шефовите на делегациите одржаа кратки пригодни говори, при што беше истакнато одбележувањето на 1151-вата годишнина од смртта на Св. Кирил во Рим, неговиот историјат, значењето на светите браќа просветители за целокупната словенска писменост, но и за историјата и доближувањето на македонскиот и бугарскиот народ, како и основата што ја создаваат за градење на добрососедските односи и во иднина.
Од страна на македонската делегација на гробот на Св. Кирил беше положен венец во име на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на годинешната манифестација – Денот на Св. Кирил во Рим, а сите присутни дадоа пригодна почест и на олтарот во базиликата, каде денес е положен фрагмент од моштите на Св. Кирил.
Заради актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19, традиционалните манифестации поврзани со одбележувањето на Денот на Св. Кирил во Рим, се одложени за подоцна, во текот на годината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа