ВИДЕО: Стотици верници на литија во Струга, Филипче разочаран, власта бара оставка од Чулев

И покрај рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот со кои се забранува групирање на граѓани во Струга денеска се одржа традиционалната Ѓурѓовденска литија на која се собраа стотици верници. Голем дел од нив не ги почитуваа мерките.

Станува збор за верски настан на кој традиционално се прикажуваат моштите на светиот великомаченик Георгиј Победоносец заштитник на градот. На видео снимката објавена на страницата на Бигорскиот Манастир се гледа дека голем дел од присутните не носат заштитни маски ниту држат дистанца додека свештените лица низ градот ги носеа светите икони.

Во соопштението на официјалната страна на Бигорскиот манастир пак, настанот беше најавен дека ќе се одвива со посебни протоколи односно дека во поворката ќе учествуваат само свештени лица, а локалното население ќе може да ја следи со препорачаната дистанца.

-Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од по тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание, се вели во соопштението.

Се огласи и министерот за здравство, Венко Филипче, кој на Фејсбук напиша дека сцените се крајно разочарувачки.

-Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала.

Владејачката СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев поради загрозување на здравјето и безбедноста на граѓаните.

-Денеска, јавноста беше сведок на масовно прекршување на забраната за групни собири во Струга. Стотици граѓани без заштитна опрема, без соодветна дистанца масовно се движеа низ Струга, а полицијата беше прустуна на настанот и воопшто не реагираше. Наместо предупредување, укажување и спречување на масовен собир во услови на опасна здравствена пандемија, полицијата иако присутна на настанот, не само што не реагираше, туку немо го следеше прекршувањето на забраната. Со оваа неодговорност Чулев стана соучесник во загорзувањето на здравјето на граѓаните, велат од СДСМ.

Реагираше и Алијансата за Албанците, според која, Владата има двојни стандарди и не ја спречила литијата, но, како што велат, полицијата брзо реагирала во Сингелиќ, кога стотици граѓани протестираа во време на полициски час.

-Тоа што се случи денес во Струга, се случува по втор пат во земјава. Бидејќи уште еден верски собир во Православен манастир се одржа за време на велигденскиот празник, како во првиот случај, така и во денешниот случај, се беше емитувано во живо. Иако владата првиот собир го оправда со образложение дека станува збор само за црковни лица, денес ова оправдание звучи апсурдно затоа што присуствуваа граѓани кои дојдоа едноставно да ја слушаат литургијата. Потсетуваме дека МВР реагираше многу брзо во Сингилиќ, па дури и инволвираните лица се соочуваат со казни, додека други ги извршуваат своите верски обврски без никакви пречки, велат од Алијанса за Албанците.

Пренос во живо од Традиционална древна струшка Еордија – литијата со Чудотворната икона на Светиот Великомаченик Георгиј...

Posted by Бигорски Манастир Св. Јован Крстител on Thursday, 7 May 2020

07.05.2020 - 22:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега