Димитров: Јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров за „Топ Тема“ на Телма, изјави дека јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави.

– Прашањето е старо, датира од самиот почеток на признавањето. Бугарија беше прва држава која ја призна нашата независност, меѓутоа, ова прашање долго време се провлекува, долго време немавме и билатерални договори и тоа се отклучи на некој начин преку политичката декларација од 1999 година. И таа формулација од декларацијата – македонски јазик согласно Уставот и бугарски јазик согласно Уставот, се користи во сите билатерални договори. И таа е содржана во договорот за Добрососедство. Во изјавата иако Бугарија се повикува на јазичната клаузула која постои во билатералните односи, и мислам дека е важно да се објасни дека таа е целосно симетрична и реципрочна – македонскиот јазик и бугарскиот се во иста позиција во комуникацијата. На некој начин Договорот става рамка и овие барања според нашите позиции и перспективи излегуваат вон договорот. Бидејќи во договорот се споменува македонскиот јазик и е исто поставен со бугарскиот, вели министерот.

Според него,предизвикот е голем бидејќи не можеме да се откажеме од овие две суштински цели.

– Нам ни требаат и двете – македонскиот јазик и идентитет, околу таа работа не може да се преговара, особено по Преспанскиот договор кој што го комплетираше и го затвори процесот на нашето зачленување во ОН. Со изразување на нашето право за самоопределување и нашата лична карта во ОН, меѓудругото го содржи и македонскиот јазик. Јазикот не е прашање што е предмет на признавање или не признавање на држави. Во меѓународното право, држави признаваат други држави и влади. Меѓутоа во 21 век во Европа особено, не може да се негира правото на самоизразување и самоопределување. Македонскиот јазик е наша работа, вели Димитров.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2020 - 20:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега