Заврши увидот на хеликоптерската несреќа - утре ќе биде дислоциран

Заврши увидот на хеликоптерската несреќа на старата платформа на Меѓународниот Аеродром – Скопје. Јавен обвинител во соработка со увидна екипа од МВР ги обезбедиле трагите од хеликоптерската несреќа.

По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот.

-На лице место денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата. Во текот на претходната постапка, надлежниот јавен обвинител ќе издаде барања и наредби за утврдување на сите решавачки факти. Увидот на лице место е завршен, а хеликоптерот се уште се наоѓа на местото и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на утрешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде ќе се обезбедува до крајот на постапката, соопштуваат од ОЈО.

Во зависност од обезбедените докази како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.05.2020 - 21:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега