Заев: Предвремени избори не и носат ништо добро на Македонија

СДСМ е подготвена за предвремени избори но прашање е колку тие може да и донесат нешто добро на Македонија. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за Радио Слободна Европа вели дека неговата партија ги завршила сите подоготовки, готова е прогорамата и дека може да излезе на соочување со граѓаните, но само доколку власта ги имплементира како што вели Заев, неопходните измени во изборната регулатива.

„Поставивме централен одбор на партијата, избравме извршен одбор на партијата, ги конституиравме сите совети на партијата, ги избравме сите претседатели на општински организации, месни одбори, хоризонтално и вертикално по двете основи партијата е целосно поставена и подготвена за избори. Имаме комплет понуда со што можеме да се понудиме на граѓаните, а тоа е досега политичка понуда која за два дена преминува во изборна програма, тоа значи дека СДСМ е подготвен за избори.  Многу е важно граѓаните да ја осознаат таа понуда која им ја даваме. Ние веруваме дека преку тоа ќе имаме поголема доверба, преточена во повеќе гласови на изборите. Едно знам, предвремени избори имавме на двапати, тие не и донесоа ништо добро на Република Македонија. Можеби ние ќе ги бараме за месец, два, го кажувам тоа што во моментот го мислам, но истовремено СДСМ нема да дозволи да улета и легитимира уште едни криминални и нелегитимни избори, не фер и недемократски избори“ - вели Заев за РСЕ.

Во врска со спорот за името Заев вели дека македонската црвена линија треба да биде зачувувањето на идентитетот.

„Црвената линија е јасна за сите и јас верувам дека не постои роден политичар во Македонија којшто ќе дозволи да се промени нашиот национален идентитет, нашиот јазик, нашата култура, нашата национална посебност. Ние преговараме за промена на кованицата ФИРОМ што ја употребуваат, не разговараме за промена на името и овде треба да се најдат сите можни аспекти како да се успее во оваа работа. Реално немаме грам информации, во последните 5-6 месеци имаме нови предлози, владата дала одговор, па имаме 2-3 пати средби коишто се организираат, не знаеме ништо и некоректно од нас е да се очекува да го кажеме нашиот став. Токму поради тоа велиме, целосно позитивен потстрек кон власта, ја охрабруваме, ја повикуваме заедно да изградиме државен консензус по ова прашање, да бидеме посилни пред очите на цела Европа, на цел свет и пред очите на соседот Грција за полесно да го решиме“ - вели Заев

Тој не сака да лицитира со имиња и вели дека СДСМ се оградува од ставовите на поединци и поддржувачи на партијата кои зборуваат дека имиња како Горна и Северна Македонија за нив се прифатливи.

20.10.2013 - 11:56

најчитано сега