Консултации во СДСМ за нов предлог за претседател на ДИК

Во опозициската СДСМ денеска се одвиваат консултации за нов претседател на ДИК, откако досегашниот претседател, Борис Кондарко си поднесе оставка од функцијата.

Генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, соопштува дека СДСМ сака ДИК да има успешна и ефикасна работа и дека партијата не сака во ниту еден момент да биде закочена работата на ДИК, туку напротив да може ефикасно да работи и затоа очекуваат веднаш на првата наредна седница на Собранието на РМ  да се констатира оставката и да се започне процедура за избор на нов претседател на ДИК.

По констатирањето на оставката на седницата на Собранието Комисијата за избори и именувања треба да  одржи седница на која ќе биде распишан оглас за избор на нов претседател на највисокото изборно тело на земјата.

- Нов претседател ќе биде предложен во оној момент кога ќе биде распишан огласот, вели Спасовски. Ги отфрла тврдењата дека со повлекувањето на Кондарко би можело  да дојде до одложување на евентуални предвремени избори, наведувајќи дека ДИК има заменик претседател, оти има мнозинство и може да функционира непречено.

Инаку, денеска Борис Кондарко ја поднесе својата оставка која беше најавена уште пред два дена, поради како што вели лични причини.

18.10.2013 - 15:30

најчитано сега