Ексдиректорот на БЈБ сведочеше за „Монструм“: Немавме никаква дојава дека ќе се случи нешто

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски познат како Радникот бил на функција на 12 април 2012 година, кога се случи петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

На денешното судење за случајот „Монструм“, обвинителката Фатиме Фетаи кажа дека нема нелегални прислушувани разговори од него, но има лице кое сакало да донесе информации за случајот, пренесува А1он.

Тодоровски се потсети на моментите кога ја добил информацијата, односно прво му било кажано дека има 4 леша, возило „101”, а потоа дека има 5 леша и дал наредба да се обезбеди местото.

„Го знам Зоран Трајковски познат како Филмот, бидејќи му беше шофер на Љубе Бошковски. Кога бев директор, тој немал контакт со мене. Бев изненаден кога слушнав дека кажал, дека ми кажал мене нешто. Тој си има старешини, имало каде да каже. Со еден збор, немав контакт. Тој нема моќ да ми каже што планирале сторителите, не ми кажал дека нешто се спрема, зошто ако било така, јас ќе сум презел нешто. Тој пред две-три години ми се јавуваше два-три пати. Се видовме на состанок, прашуваше ‘Што правиш, како си’. Не сум слушнал дека на некого пренел информации, за тој да ми даде мене”, рече Тодоровски.

Адвокатката на оштетените, Дафинка Ивановска го праша Тодоровски дали на некој од обвинетите кои се во судница му давал тетратка или го поучувал како да се однесува пред судот, а тој негираше.

„Ние не сме имале таква дојава. Не сме знаеле. Ако имаше такво нешто, лицата ќе беа под посебни истражни мерки и ќе сме ги надгледувале”, рече Тодоровски запрашан од родителот Горан Наќевски дали се точни информациите кои ги добивал од инспекторите дека знаеле оти нешто ќе се случи, но не знаеле што.

Тодоровски негираше дека не контактирал со обвинетиот Хаки Азири, ниту пак, како што претходно тој изјавил, дека го малтретирал.

„Не сум бил тука 20 години”, рече Тодоровски откако Наќевски го запраша дали бил во судот кога Азири давал исказ пред обвинител.

Ексдиректорот на БЈБ пред судот кажа дека делото било карактеризирано како тероризам, што значи дека случајот го работела Управата за безбедност и контраразознавање со која раководеше Сашо Мијалков.

„Тоа кривично дело беше карактеризирано како тероризам, што во суштина го работеше УБК. Мислам дека тие веќе отворија нивна обработка. Нашите состаноци беа да ги вклучиме колегите од крим техника, ако има потреба специјалните единици, единицата за брзо интервенирање, кои беа на моја команда. Во случајот доказите ги собираа тие што ја водеа обработката, односно УБК”, рече Тодоровски.

Тој одговарајќи на прашање од адвокатот Рауфи, рече дека не контактирал со загрозениот сведок.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2020 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа