Нови апарати во болницата во Куманово

Кумановската општа болница ќе одвои сопствени средства во висина од околу 35 илјади евра за набавка на нова апаратура.

Според директорот Ариф Љатифи, секоја година од буџетот на болницата се одвојуваат од 30 до 40 илјади евра за набавка на нови апарати.

- Болницата има тројца нови специјалисти од кои двајца се уролози, така што со набавката на сетот за трансуретална рецексија, како и апарат за цистоскопија ќе им се овозможи на пациентите соодветен здравствен преглед за кој досега мораа да патуваат во Скопје, изјави директорот Љатифи.

Општа болница Куманово ќе набави и ехо апарат за новороденчиња, а во тек е и набавка на ехо апарат за синуси, кој ќе го користи Одделението за уво, грло и нос.

Минатата година, Општата болница Куманово доби современа апаратура и од Министерството за здравство.

Оваа болница нуди здравствени услуги за околу 200 илјади пациенти од североисточниот регион

најчитано сега