Пендаровски: Членството во НАТО привилегија, но и огромна одговорност

Пристапувањето кон Северноатлантскиот сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. НАТО е сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и врз заеднички вредности. Членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност.

Ова го порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, на свечената седница за ратификацијата на Предлогот на закон за ратификација на Северноатлантскиот договор.

-Уште од нашето пристапување кон Партнерството за мир во 1995 година ние се обврзавме активно да придонесуваме кон одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, особено во борбата против меѓународниот тероризам како најголема безбедносна закана во современиот глобализиран свет. Нашата посветеност кон оваа задача и нашата солидарност со сојузниците во НАТО ја докажавме преку активното учество во повеќе мисии на алијансата во различни региони во светот во изминатите години, порача претседателот на државата на свечената седница.

Напомена дека сега кога и формално ќе станеме триесеттата членка на НАТО, во годината на седумдесетиот роденден на Алијансата, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат.

-Како полноправна членка, пред нас е одговорноста за спроведување на одлуките на алијансата во чиешто донесување ќе имаме еднаков глас со останатите сојузници. Во оваа прилика, како врховен командант на нашата Армија, лично се обврзувам дека ќе продолжиме со реформите во одбраната, а пред се во модернизацијата на опремата на Армијата, подигнување на подготвеноста на нашите старешини и војници и зајакнување на нејзините капацитети да ги препознава и да се справува со безбедносните ризици. Во таа насока, ќе продолжам да инсистирам и да работам на зголемување на буџетот за одбраната до, најмалку 2 отсто од нашиот бруто домашен производ, потенцира шефот на државата од собраниската говорница.

Напомена дека членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени коишто се случија во изминатите години во нашата држава.

-Новата политика кон соседите и цврстата заложба за решавање на споровите и градење на добрососедски односи се темелот на нашиот успех во остварувањето на стратешките цели. Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, договорот за решавањето на спорот со името и стратешко партнерство со соседна Грција, познат како Преспанскиот договор, и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки коишто не донесоа до целта во однос на членството во НАТО. Нивното доследно спроведување и спроведување е единствениот пат кон зајакнувањето на нашето стратешко партнерство, сега, како држави сојузнички во НАТО, но и останатите субјекти во пошироката меѓународна заедница, рече Пендаровски.

Претседателот на државата потсети дека пред речиси 27 години, во декември 1993 година, првиот парламентарен состав во независна, суверена и демократска Македонија донесе стратешка одлука за членство на државата во НАТО.

-Нивната визионерска и храбра одлука стана наша стратешка државна ориентација низ децениите и премрежјата низ коишто поминувавме. Се менуваа составите на парламентот, се менуваа влади, поминавме низ воен конфликт, поминавме низ тешка политичка криза, но нашите стратешки ориентации за членство во НАТО и членство во Европската Унија останаа наш најважен национален приоритет, додаде шефот на државата и изрази посебна благодарност до сите генерални секретари на Алијансата.

На седницата свои обраќања ќе имаат и претседателот на Парламентот Талат Џафери, техничкиот премиер Оливер Спасовски, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ Јован Митрески, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Нола Исмајлоска Старова, пратениците на Алијанса на Албанците Сурја Рашиди на Алтернатива Африм Гаши, на БЕСА Фадил Зендели и на ДПА Мерал Ферати. По гласањето пред пратениците и присутните ќе се обрати и претседателот на ПС-НАТО Атила Местерхази.

На седницата поканети да присуствуваат се и поранешни претседатели, премиери, лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како и претстатвници од општествениот и јавниот живот и дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.02.2020 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега