Вељановски: Премолчував долго време, бев цел на планирани и оркестрирани напади

Премолчував долго време, а тоа не беше воопшто лесно и едноставно за мене. Бев цел на планирани и оркестрирани напади, базирани на класични лаги и измислувања. Политиката во Македонија стана поле каде неморалните, лажливците и луѓето без етика најмногу успеваа во минатите неколку години, напиша пратеникот Трајко Вељановски на својот Фејсбук профил..

„Долги години одредени пара-структури протураа лага дека сум бил некако замешан во случајот Монструм. Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден се ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување. Нападот против мене е ништо и е незначајно во споредба со болката на семејствата на петте прерано згаснати млади животи. Одлуката некој да си поигрува со нивните судбини и чувства е тешко бреме кое ќе остане до крајот на животот. Не посакувам на никого да ги преживува лагите и нападите што јас ги преживеав со оваа ниска и гнасна конструкција. Луѓето што ја смислиле и пласирале со години немаат морал. Денес кога се е јасно, јас само ќе им порачам да им стои на чест и совест. Ако имаат чест и совест, нема да им е лесно засекогаш“, напиша Вељановски.

Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година, денеска два и пол часа сведочеше за случајот „Монструм“ во Кривичниот суд. Тој одговараше на прашањата поставени од судот, од обвинителката Фатиме Фетаи, од адвокатите, како и родителите на убиените момчиња кај Смилковското Езеро.

Заев кажа дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претседател на партијата, биле предадени во СЈО. Кажа дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет, односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.

Одговарајќи на прашање поставено од родител на едно од убиените момчиња, Заев рече дека не поседува, ниту видел какви било докази за инволвираност на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски во случајот „Монструм“.

„Секогаш кога сум имал средба со вас родителите тоа било на ваше барање како родители кои трагаат по целосна вистина за убиството, и секојпат без скриени намери сум давал одговори и пред вас и пред јавноста“, рече Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.02.2020 - 16:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега