Поради немање кворум не почна комисиската расправа за измени на Кривичниот и Изборниот законик

Поради немање кворум денеска не почна седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи со заедниците. Комисијата беше закажана во 10 часот, но поради немање кворум беше одложена за 12:30 часот по што беше одложена.

Комисијата требаше да ги разгледа предлог измените на Кривичниот законик со кои се бара продолжување на рокот за застарување на кривичните дела особено на оние кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба.

Според претседателот на Комисијата Александар Кирацовски, кој воедно е и предлагач на овие измени, неприсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ значи кочење на процесите кои треба да доведат до ефикасна правда.

–  Доколку ова законско решение не се донесе, постои можност да застарат и предметите на голем дел од сторителите на кривични дела со злоупотреба на службената положба кои биле од претходната или се дел од актуелната власт. Дополнително за апсурдот да биде поголем со избегнување на ова законско решение се остава можност лицата кои се спасиле од кривична одговорност поради застареноста на предметот, на крај да излезат и „жртви“ и преку барање до Врховниот суд да издејствуваат отштета за необезбеденото судење во разумен рок, истакна Кирацовски на прес-конференција по завршување на седницата.

Тој не сакаше да коментира дали станува збор за заемен договор меѓу двете партии, но, како што рече, нивното денешно делување е камен на сопнување и кочење на законските решенија кои овозможуваат поефикасен судски процеси.

На Комисијата денеска требаше да се разгледа и предлогот за измена на Изборниот законик со кој се бара една изборна единица наместо сегашните шест, потоа отворени листи за советници и еднаков број мажи и жени на листите.

За пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, која е дел од предлагачите на овие измени, овој процес е блокиран поради поднесените 6.000 амадмани поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

– Очигледни ќе беа придобивките во поглед на демократизацијата на земјата, но овој процес е блокиран со 6.000 апсурдни амадмани. Апсурдни бидејќи колегите од ДУИ предлагаат одложување на рокот на важење за кои 50-тина години, а колегите од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат одложување за 10 години. Ова се амадмани кои сите заедно би можеле да се сведат на три до пет амадмани и доколку постоеше политичка волја, ќе можеме да разговараме и да донесеме заеднички решенија. Очигледно е дека партиите кои го блокираат ова, не сакаат да се откажат од можноста да доминираат на политичката сцена, рече Поповска. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.02.2020 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега