Манчевски во Белград: Регионалната соработка е клучна за економскиот развој

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на конференција посветена на дигитализацијата во Белград, насловена: „Дигитална соработка: Трансформација на Владите“.

Говорејќи на панел дискусија во рамки на конференцијата, Манчевски ги претстави проектите на коишто работи МИОА во однос на дигиталната трансформација на нашата земја како што се Националниот портал за е-услуги, Централниот регистар на население, Каталогот на услуги итн.

„Регионалната соработка е клучна за економски развој на земјите од Западен Балкан. Пред скоро една година заедно ги намаливме цените во роаминг, а сега разменуваме искуства во делот на електронски услуги. Северна Македонија пред еден месец го пушти во употреба порталот за електронски услуги, како завршен проект на што претходеше развој на повеќе различни платформи и системи, како што се Каталогот на услуги и Регистарот на население“, истакна Манчевски.

На панелот, свое обраќање имаше и претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, а говореа и Мирлинда Карчанај од Национална агенција за информатичко општество на Република Албанија, потоа Михаило Јовановиќ, директор на канцеларијата за информатичка технологија и електронска управа на Србија, Винченцо Акуаро, шеф на дигиталната влада при Обединетите нации, како и Грегор Вирант, шеф на СИГМА/ОЕЦД.

Меѓу другото се разговараше за меѓусебната соработка и искуствата во однос на дигиталната трансформација на земјите во регионот, иднината на Дигиталните влади, а беше посочен и примерот на Естонија како една од најразвиените информатички земји во Европа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.02.2020 - 14:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега