Половина од младите размислуваат да се иселат од државата

Половина од младите размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата, покажува последната анкета која за Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје. Според неа, 52% од анкетираните помлади од 29 години размислуваат за иселување од државата.
Генерално гледано, 32,9% од сите граѓани кои биле анкетирани рекле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат, додека 62,3% се со намера да останат во државата. Процентот на граѓани кои перспектива гледаат зад границите се намалува пред се поради ставот на повозрасните граѓани кои не планираат да се преселат од Македонија. Анкетата покажува дека само 13,4% од анкетираните постари од 60 години размислуваат за иселување.
Во споредба со претходната анкета која за Детектор исто така ја изработи ИПИС но во јуни годинава расте бројот на граѓани кои размислуваат за иселување. За 5 месеци, бројот на граѓани кои размислуваат да се преселат скокнал за скоро 4 процентни поени од 29,1% во јуни на 32,9% во октомври.
Најголем дел од граѓаните велат дека од Македонија би си заминале во потрага по подобар животен стандард. 79,8% од анкетираните како причина за иселување наведуваат потрага по подобра работа, плата и животен стандард.
Дури 60,2% од анкетираните велат дека имаат некој близок кој што им се преселил во странство. Бројката е уште поголема кај помладите. Дури 80,3% од студентите потврдиле дека имаат некој близок кој се преселил од Македонија.
Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус - минус 3%.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.11.2019 - 16:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега