Пратеничкиот имунитет не ја штити Ременски од кривична одговорност

Актуелната пратеничка и потпретседателка во Собранието, Фросина Ременски е една од осомничените во рамките на новата истрага поврзана со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, отворена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во истрагата во која се опфатени пет физички лица и едно правно, како што соопшти обвинителот Љубомир Јовески, е и Ременски, а се сомничат за перење пари, измама и помагање.

Меѓу нив, само пратеничката ужива имунитет загарантиран со Уставот.

Меѓутоа ако материјалниот или суштинскиот имунитет ја штитат Ременски во рамките на слободата на говор внатре во Собранието, процедуралниот имунитет не ја штити пратеничката од кривична одговорност доколку биде утврдено дека сторила кривично дело, објави ИРЛ.

„Овој вид имунитет не значи дека против пратеникот не може да биде покрената постапка за утврдување на кривична одговорност, или пак дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело“, се вели во Уставот.

Процедуралниот имунитет всушност значи дека пратеникот не може да биде притворен без одобрение на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од минимум пет години.

Во новата истрага која ја објави Обвинителството, стои дека покрај Јовановски како осомничен за „измама“ и „перење пари“, останатите, меѓу кои и „функционерот“ во истрагата, се осомничени дека помагале при извршувањето на измамата.

„Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, стои во соопштението од Обвинителството.

Ако во обзир се земе улогата на Ременски во новата истрага како помагател во измамата, Кривичниот законик, односно член 24 пропишува дека помагателот ќе се казни како самиот да го сторил делото или поблаго.

Јовановски за кривичното дело „измама“ се сомничи за казниво дело за кое е предвидена затворска казна од една до 10 години.

Ова значи дека и пратеничката Ременски подлежи на истата одговорност како и Јовановски, меѓутоа зависно од нејзината инволвираност и околностите во истрагата, зависи и казната.

Пратеничкиот имунитет предвидува автоматски престанок само ако пратеникот е затечен во вршење на дело за кое е предвидено казна затвор од најмалку пет години, меѓутоа Обвинителството за неа денес побара само мерки за претпазливост.

Зависно од исказот кај судија на претходна постапка, околностите може да се сменат, а во таков случај, пратениците ќе треба да решаваат за одземање на нејзиниот имунитет.

Одговарајќи на прашањата од ИРЛ дали партијата би гласала за одземање на имунитетот на пратеничката, од СДСМ велат дека немаат намера на каков било начин да влијаат врз исходот на истрагата и евентуалните обвиненија, а доколку биде докажана вина, ќе постапат согласно статутот на партијата.

 

Премиерот на државата и лидер на СДСМ од каде што Ременски е актуелна во политиката, рече дека таа ќе биде времено санкционирана се додека не се утврди нејзината вина.

Кога некое лице ќе биде осомничено, обвинито или слично тогаш ја применуваме мерката на санкции која значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност, вратите се отворени  секогаш за секого, рече денеска премиерот Зоран Заев, прашан  дали ќе го исполни ветеното за исклучување од партијата на кој било член за кој ќе се утврди одговорност по неофицијалните објави во дел од медиумите за проширување на истрагата за „Рекет“ со функционер од власта.

– Секогаш стоиме на своите ставови. На доаѓање ја добив информацијата дека има соопштение или изјава кое, како што вие кажувате, се однесува на потпретседател на Собрание, рече Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.10.2019 - 17:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега