Средба Џафери-Ѓукановиќ: Северна Македонија води балансирана и конструктивна добрососедска политика

Во рамките на официјалната посета на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во Собранието се одржа средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери. На средбата присуствуваа и пратениците од Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Црна Гора:Лилјана Кузмановска, претседател на Групата и членовите, Благојче Трпевски и Мирсада Емини-Хасани.

Претседателот Џафери, посакувајќи искрено добредојде на црногорската делегација, ги поздрави топлите и интензивни билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора, изразувајќи верба дека истите ќе продолжат со ненамалена динамика и во иднина. Истакна дека во билатерален контекст, наш нагласен интерес е интензивирање на политичко безбедносната соработка во НАТО контекстот и  пренесувањето на искуствата на Црна Гора на овој план. Претстојат уште 6 ратификации на Пристапниот протокол за кои очекувањата се дека ќе завршат до крајот на годината, а во фаза на очекување сме Советот на Европската унија на претстојниот Самит да додели датум за почеток на преговорите со Унијата. Во соседската и регионалната сфера, претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија води балансирана и конструктивна добрососедска политика со сите соседи, а како пример за тоа се потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија, со кои се отвори ново поглавје во меѓусебните односи, но и на планот на евроинтеграциските процеси. Изрази голема благодарност за континуираната поддршка на Црна Гора на овој план, и верба дека таа поддршка ќе продолжи и како рамноправни НАТО сојузници и земји - членки на ЕУ. 

Во контекст на економската соработка, двајцата соговорници истакнаа дека двете влади треба поинтензивно и пофокусирано да работат на нејзината динамика и содржина, бидејќи тоа е придобивка за граѓаните на двете држави. Треба да се следи примерот на одличната соработка што постои во одбраната, здравството, спортот, јавната управа и земјоделството, бидејќи поголемите инвестиции и добрите економски проекти ќе ја надградат квалитетно целокупната билатерална соработка. Од не помало значење е и одржувањето на редовен политички дијалог на високо ниво, што ќе придонесе кон зацврстување на меѓудржавните односи.

Претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, со особена почит ја поздрави храброста и политичката смелост да се постигне Преспанскиот договор, свесен за големата жртва што ја направи Република Северна Македонија, но со единствена визија за натамошен просперитет на државата и нејзините граѓани. Честиташе и на успесите во НАТО интеграцијата и  ја пренесе подготвеноста на својата држава да ги сподели со Република Северна Македонија искуствата од европската и евроатланската интеграција, исто како што и Црна Гора претходно црпела искуства од Република Хрватска. Укажа дека помошта од соседите на овој план значи многу, особено и поради нашите заеднички цели и интереси, менталитетот на народите, визиите на политичарите и очекувањата на граѓаните. Истакна дека особено по влезот во НАТО, инвестициската клима драстично се подобрила, а  перцепцијата за Црна Гора на надворешно - политички и меѓународен план е подигната на многу високо ниво како кон земја НАТО сојузник и потенцијална членка на Европската унија. Во овој контекст, претседателот Ѓукановиќ информираше дека на Црна Гора и преостанува за отворање само уште едно поглавје, по што ќе следи затворање на сите поглавја, со надеж за успешна финализација на процесот до 2025 година.

Соговорниците и делегациите разменија мислења околу парламентарното работење, дијалогот власт - опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.10.2019 - 17:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега