Заев: Ние направивме се на ред е ЕУ

Заев се огласи денеска на Фејсбук за се што е постигнато за ЕУ.

Фокусот на нашата земја, но и на целиот регион и на Европа, е во реализација на заклучоците од Советот на ЕУ во јуни 2018, што го поставија патот кон отворање преговори во јуни 2019.

Европската комисија во овогодинешниот Извештај за напредокот на државава, даде јасна препорака за отпочнување преговори. Без скромност, оценката дека нашата земја е блескав пример за целиот регион и за Европа е заслужена.

Сработивме.

Заедно со нашите пријатели, Република Бугарија и Грција ги надминавме чувствителните билатерални прашања. Преспанскиот договор денес е повеќе од решение на долгогодишниот спор меѓу две земји. Тој е модел на решение на билатерални односи базирани на дијалог - клучната европска вредност којашто го обезбедува заедништвото.

Затоа, определувањето датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, ова лето, не значи само награда за нашата држава и принципиелност на ЕУ. Претстојната одлука на Советот на ЕУ, да додели датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е потреба, за нашата држава, за Западен Балкан, за ЕУ.

Тоа ќе значи почитување на индивидуалните заслуги и мотивација да се продолжи напред кон вредности, а не да се враќаме назад кон национализми и популизми. Тоа ќе ги охрабри и другите лидери во регионот да ги затворат отворените прашања, за да ја добијат иднината во ЕУ и да се развиваат демократски.

Ќе значи нова енергија за силен фокус кон економијата, инвестициски перспективи, регионална соработка и шанси за младите, во родните земји да ја гледаат својата иднина, наместо да се иселуваат по европските земји.

Сакам да нагласам дека Република Северна Македонија ги спроведе реформите во четирите клучни области: владеењето на правото, безбедносните служби, антикорупцијата, јавната администрација. И на пат сме оваа интеграциска 2019 година, којашто ја чекавме три децении да ја направиме и економска година, за што значаен придонес имаат отворените НАТО и ЕУ перспективи.

Еве ја шансата. Ја испраќам пораката дека ние испорачавме сѐ што се бараше од нас - сега е на ред ЕУ да испорача.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.06.2019 - 20:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега