Се крчка новата Влада - Одлуки до крајот на неделата

Во тек се консултациите на премиерот со коалициските партнери и очекувам до крај на неделава да имаме сериозен исчекор за концептот на работата на Владата  и предлозите што премиерот треба да ги достави до Собранието, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ и министер за земјоделство Љупчо Николовски.

Николовски очекува дека во наредните денови ќе има повеќе информации во однос на реконструкцијата на Владата со која, како што беше најавено, тој ќе се повлече од министерската функција.

–  Сите кадровски преструктуирања односно зголемувањето на потенцијалот на капацитетите продолжува на сите нивоа и партиски и на ниво на Влада, и не само на министерско, туку и во останатите ешалони. Паралелно се одвиваат сите  активности, но очекувам дека претседателот на Владата ќе ја информира јавноста во текот на следните денови за исходот од првичните одлуки за реконструкцијата на Владата, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Целосно ќе се адаптираме, дополни Николовски, на потребите, сигналите и пораките што ги пратија граѓаните во изминатиот период и на отстранување на сите слабости во  функционирањето на коалицијата на Владата и на вкупниот амбиент. За новото кадровски решение во Министерството за земјоделство, како што најави, со премиерот ќе разговараат во тек на неделава. 

За потсетување, Николовски беше избран за нов генерален секретар на партијата, кога беа разрешени сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и коордианторката на  Форумот на жени.

Тогаш вети дека ќе работи посветено.

- Ќе работам заедно со новото раководство на СДСМ, со новиот Извршен одбор и потпретседателите што ќе бидат назначени во следните неколку недели, но ќе го црпиме и искуството од досегашните потпретседатели, генералниот секретар со целокупното искуство, мудрост и трпение што заеднички го имавме во претходниот перид. Но ќе работиме пред се на силна контрола за тоа како се реализира нашата програма и нашите ветувања, заради тоа што работиме силно и посветено, рече Николовски.

И Заев истакна дека има доверба во него.

– Љупчо сега е време целокупниот потенцијал на партијата на добро организиран начин да го ставиме во функција на интересите на граѓаните, му порача Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.06.2019 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега