Фазлиу: Градоначалници што трошат на луксуз треба да размислат дека можеби на наредните избори треба пак да се појават пред гласачите

 

Апел до градоначалниците во земјава да ја следат политиката на Владата и да ги објавуваат транспаретно трошоците во нивните општини, упати денеска министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу. Во начинот на кој ги трошат народните пари, додаде тој, приоритет треба да им биде одговорноста кон граѓаните, бидејќи тие повторно со нив ќе се соочат на избори, а и сега за време на претседателските, ако не работат како што треба, ќе влијаат негативно врз претседателскиот кандидат, зад кој застанале.

-Апелирам до сите градоначалници да го следат чекорот на Владата, која преку електронската алатка ги објавува трошоците на сите министри, тоа да го прават и тие. Немаме механизми да ги натераме градоначалниците тоа да го прават, бидејќи имаме децентрализирано општество, но им сугерирам во духот на транспарентноста да ги следат овие чекори, кои ќе ги зближат со граѓаните, рече Фазлиу.

Во врска со тоа дали општините ги завршиле своите обврски околу раздолжувањата и да достават документи за тоа до Министерството за финансии, Фазлиу нагласи дека целиот тој процес се следи од Министерството, кое е предлагач на законот. Нагласи дека тој во формални и неформални посети на општините заклучил дека некои од нив ги завршиле своите обврски, а некои се во фаза на завршување.

На прашањето дали Владата има механизам да ги контролира градоначалниците и како тие ги трошат народните пари, Фазлиу напомена дека првично тие треба да имаат одговорност кон граѓаните кои ги избрале.

-Првиот чекор треба да биде одговорноста кон граѓаните. Тие градоначалници што трошат на луксуз треба да размислат дека можеби на наредните избори треба пак да се појават пред гласачите, на претстојните претседателски можат да го оштетат политичкиот субјект, кој го претставуваат во таа општина. Исто така, има и надлежни институции, кои треба да ги разледаат таквите информации, да покренат постапки. Во рамки на законот за помош на општините со конкретни средства за покривање на долговите имаше и измена на Законот за финасирање на општините. Во еден член беше ограничено планирањето на буџетските пари да не надмине повеќе од три изминати просечни планирани буџети. Има неколку механизми да се контролираат, но првенствена е транспарентноста на самите граоначалници и одговорноста пред самите граѓани, рече Фазлиу. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.03.2019 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега