Денеска го празнуваме Свештеномаченик Поликарп - направете го ова

Македонската православна црква денес го одбележува споменот на заштитникот на праведните и добри луѓе кои неправедно страдаат, не по своја вина.

Светиот свештеномаченик Поликарп, епископ Смирнски
Овој голем апостолски маж се роди како незнабожец. Во верата Христова го воведе и го крсти светиот Јован Богослов. Во раното детство Поликарп остана сираче, а една благородна вдовица по име Калиста, според еден нејзин сон, го зеде, го израсна и го воспита како сопствен син. Поликарп беше благочестив и милосрден од детството. Се трудеше со животот да го подражава свети Вукол, тогашниот епископ во Смирна, а и Светите апостоли Јован и Павле, коишто ги познаваше и ги слушаше. Свети Вукол го ракоположи за презвитер, а пред смртта го покажа за свој наследник во Смирна.

Апостолските епископи што се собраа на погребот на Вукол го хиротонисаа Поликарп за епископ. Поликарп имаше дар на чудотворство од самиот почеток. Така, во една прилика изгони демон од слугата на некој кнез, а другпат, со молитва го запре силниот пожар во Смирна. Гледајќи го ова мнозина незнабожци во Смирна го сметаа за еден од боговите. Низведуваше дожд сред сушно време, исцелуваше болести, пророкуваше и вршеше многу други работи. Пострада во времето на царот Марко Аврелиј.

Три дена пред заминувањето, свети Поликарп прорече: „За три дена ќе бидам фрлен во оган заради Господ Исус Христос!“ Кога војниците го фатија третиот ден и го поведоа на суд, извика: „Нека биде волјата на Господа Бога мој!“ Кога судијата го советуваше да се одрече од Христа и да ги признае римските богови, Поликарп му рече: „Не можам да го менувам доброто за лошото!“

Евреите посебно го мразеа Поликарп и настојуваа да биде изгорен. Кога го врзаа и го положија на кладата, тој долго Му се молеше на Бога. Беше многу стар, белокос и светол како ангел. Сите луѓе видоа како пламенот го обвива, но не го допира. Исплашени од оваа појава, незнабожните судии му наредија на џелатот низ пламенот да го убие со копје. Кога беше прободен од него истече толку многу крв, што го изгасна сиот оган, а телото остана цело и недопрено од оган. Наговорен од Евреите, судијата нареди мртвото тело на Поликарп да се запали според елинскиот обичај. Така, нечестивите го запалија мртов оној кого што жив не можеа да го запалат. Светиот Поликарп пострада во 167 година, на Велика сабота.

Свети Поликарп Смирнски, Епископ на раната Црква и свештеномаченик е еден од раните Апостолски отци, директен ученик на свети Јован Богослов. Напишал, и е предмет на две дела од збирот Апостолски Отци. Годината на негово раѓање е спекулативна, и е помеѓу 69 и 81 после Христа, како и неговото страдање, од 155 до 167 гоодина по Христа. Според Светото Предание, тој бил жив изгорен во Смирна, седиштето на неговата Епископија (денешен Измир, Турција). Црквата го празнува неговиот спомен на 8 март (23 февруари ст.ст.).

Тој се смета за заштитник на праведните и добри луѓе кои неправедно страдаат, не по своја вина. Се верува дека тој може да им ги оствари желбите, само доколку се искрени и добронамерни.
Се верува дека тој ќе помогне на секој кој денеска ќе оди во црква и ќе запали свеќа. Денеска треба да се помолите на Господ и искрено да се покаете.

Преподобен Дамјан
Монах во манастирот Есфигмен на Света Гора. Му беше современик и другар на великиот Козма Зографски. Се подвизуваше на гората Самарија, помеѓу Есфигмен и Хиландар. Се упокои мирно во 1280 година. Откако се упокои, од неговиот гроб четириесет дена избиваше прекрасно благоухание.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.03.2019 - 09:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега