Сведок на СЈО во предметот „Тортура“ тврди дека претходниот исказ бил неверодостоен и даден под притисок

Двајца сведоци на Специјалното обвинителство денеска фрлиле ново светло на предметот „Тортура“, излегувајќи на судското рочиште со спротивни изјави во однос на исказите дадени во претходната постапка, дознава „Плусинфо“.

Првиот, вработен во МВР, кој од страна на СЈО бил повикан како сведок во предметот „Тортура“, со исказот даден пред судот практично го срушил целиот предмет за наводна тортура при приведувањето на поранешниот министер, а сега владин советник Љубе Бошковски, пренесуваат од „Плусинфо“ повикувајќи се на свој извор.

Полицискиот службеник, под заклетва, на денешното рочиште изјавил дека на радио-врска слушнал повик од колегите дека тогаш осомничениот Бошкоски се оглушил на полициските наредби „стој полиција“ и се обидел да избега. Сведокот во сведочењето посочил дека во моментот кога дошол на местото на настанот, не видел ништо од тоа што им се става на товар на обвинетите.

Обвинителот Љубомир Лапе, лут поради спротивниот исказ на сведокот на СЈО, го запрашал дали ја говори вистината сега пред судот, или тогаш кога бил повикан во просториите на СЈО, по што уследил уште еден „студен туш“ за СЈО. Сведокот под заклетва потврдил дека денешниот исказ е вистинит во целост, а дека изјавата дадена во предистражната постапка била изнудена под голем притисок од многу лица. Како што посочил сведокот, до денес истиот е под константен притисок да даде исказ кој би одел во прилог на обвинението и бил преместуван на три различни работни места. Сведокот на денешното рочиште не сакал да каже кој сѐ му вршел притисок за да даде неточен исказ пред СЈО.

Вториот сведок исто така пред судот говорел сосема спротивно во однос на исказот даден во претходна постапка, но без да акцентира дека тогашниот исказ бил даден под нечие влијание или притисок.

Со денешното рочиште, тврди извор за „Плусинфо“, практично е урнат предметот „Тортура“, во којшто СЈО ги товари обвинетите дека ги пречекориле овластувањата при приведувањето на Љубе Бошкоски, со оглед на фактот дека и од страна на неговиот тогашен адвокат Љубомир Михајловски – Џанго практично не е поднел никаква претставка, ниту пак некаква забелешка во однос на постапувањето на полицијата.

Наредното рочиште во предметотот „Тортура“ е закажано за 28 февруари.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.02.2019 - 20:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега