Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското општество
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
– Создавање на азбуката е клучен чекор во писмениот и културниот развој на еден народ, таа е огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и на идентитетот на народите, наведува Иванов во честитката.
Посочува дека денешниот празник е значаен ден за припадниците на албанската заедница во Република Македонија и оти албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество.
– Почитувајќи ги идентитетските обележја и меѓусебните разлики ги потврдуваме нашите заложби за градење на подобар живот на сите граѓани и изградба на силна, напредна и европска Република Македонија. Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката и да ги повикам сите граѓани заеднички да работиме на негување и зачувување на мирот и македонската традиција на соживот и почитување на различноста, додава претседателот Иванов во честитката до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа