Газдата на Секјуриком обвинува дека луѓе од врвот на Владата му барале мито

Австриецот Волфганг Гампер, сопственикот на „Секјуриком“ во изјава за Телевизија 24 вели дека некој од актуелната власт му барал рекет и наводно му ветувал слобода и тендери, а за тоа тврди дека има докази.

„Секако дека имам имиња, но тоа доаѓа од окружувањето на премиерот. Во моментов сум во болница, незнам какви докази треба да имам. Мислите дека некој би се потпишал? Ги имам имињата, но не овде, во болница сум. Ако некои од пораките се уништени, што можам да сторам? Можеби некои се веќе уништени“ – вели Волфганг Гампер во изјава за ТВ 24.

Гампер со одземен пасош успеа да избега од Македонија откако Јавното обвинителство го обвини дека заедно со екс директорто на владината служба Васе Доневски договориле „Секјуриком“ да добие тендер вреден 10 милиони евра. Тој за австриската телевизија ОРФ и за Балкнаската истражувачка мрежа изјави дека актуелната македонска власт му изнудила пари  во замена за слобода.

„Ми ветија дека ќе го запрат судскиот процес, ќе ми го вратат пасошот и нема да ме уапсат. Исто така рекоа дека може да учествувам на новиот тендер“, рече Гампер за БИРН.

Владата експресно ги отфрли обвинувањата на Гампер – целта му била да го наруши нејзиниот углед.

„Не коментираме изјави на лице по кое е распишана меѓународна потерница. Се што има нека си каже во обвинителство ако има докази за било што“ - вели Пеце Мирчевски раководител на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

По бегството на Гампер, владината служба пред десет дена го раскина договорот со „Секјуриком“ за одржување на хигиената во зградата на НИП-от, склучен на крајот на минатата година и ја активираше банкарската гаранција. Фирмата „Секјуриком“ повеќе од 15 години, ги чистеше Владата и поголем дел од министерствата и заработи десетици милиони евра.

 

 

 

 

25.10.2018 - 18:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега