ВМРО-ДПМНЕ: Димитров лаже и се губи во контрадикциите

Никола Димитров лаже и се губи во контрадикциите. Очигледна е намерата на потписниците на капитулантскиот договор да ги сокријат од граѓаните прифатените клучни измени кон обезличување на македонскиот народ и Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Димитров потврдува дека на македонскиот народ не му се гарантира идентитет туку државјанство, што е сосема спротивно од зачувувањето на идентитетот. Дополнително, Димитров се обиде индиректно да им се закани на граѓаните дека и да не го поддржат референдумот, власта нема намера да ја почитува нивната волја, туку дека Заев ќе се обиде и на сила да ги испорача уцените. Ова не е демократија, туку страв од сопствениот народ. Тоа што е најважно е дека Никола Димитров, потписникот на капитулантскиот договор од Преспа, се обиде да ја изманипулира јавноста дека амандманите со кои треба да се интервенира во Уставот на Република Македонија, ниту се напишани ниту се преговарани. Тоа воопшто не е точно. Прво затоа што Зоран Заев посочи дека ќе се менуваат амандмани и таа промена ќе била НЕПРИЈАТНА, и со тоа ако се каже пред Референдумот ќе влијаело на резултатот, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека втор показател дека власта ги крие амандманите е одговорот на Димитров дека ќе се интервенира во четири амандмани, иако Заев посочи на Преамбулата и два члена на Уставот.

-Димитров има обврска да каже што ќе се менува и брише во Преамбулата, што ќе се менува и брише во членот на Уставот кој се однесува на непроменливоста на границата и немањето територијални претензии, и секако, каква ќе биде промената и што ќе се избрише во членот на Уставот кој се однесува кон грижата за македонското малцинство во соседството?  Оттука, повикуваме уште еднаш, СДСМ и Заев да престанат со криењето од јавноста и да ги објават напишаните и доставените од Грција амандмани кои планираат да ги протуркаат низ институциите и покрај волјата на граѓаните изразена на референдум, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

24.09.2018 - 16:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега