Џафери: Имаме армија која ги исполнува стандардите на НАТО
Сите ние, и како граѓани, а и како политичари, сме пред еден историски момент, момент од кој зависи нашата сегашност, меѓутоа ќе зависи и нашата иднина, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во обраќањето на денешната Конференција на тема „НАТО интеграцијата - предуслов за безбедност и развој“, со која и формално се означува почетокот на петнаесетнеделна школа на која учесниците ќе се запознаат со прашања врзани со безбедноста, одбраната и интеграциите во НАТО.
- Не треба да потсетувам дека пред дваесет и седум години, кога на референдум граѓаните се определија за самостојна Република Македонија, пратениците од првиот состав таа определба ја преточија во уставно правна рамка и тогаш беа утврдени и стратешките цели на нашата држава, а тоа се целосна интеграција во НАТО и ЕУ, рече Џафери.
И сега, потенцира, тој историски момент е навистина пред нас. На крајот на месецот, посочи, граѓаните на референдум ќе треба да решат дали го прифаќаат Договорот од Преспа, зад кој застанаа Владите на Република Македонија и Република Грција.
- Јас сум убеден дека овој Договор ќе биде прифатен од граѓаните, затоа што знаат дека со тоа ќе ни се отворат вратите за полноправно членство во НАТО сојузот и ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Затоа, и како политичар, и како граѓанин, верувам дека со мнозинско ЗА на референдумот на 30-ти септември, ќе потврдиме дека како граѓани и како држава цивилизациски припаѓаме на Европа и ги прифаќаме и споделуваме европските вредности. Убеден сум дека мнозинството граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, се свесни дека преку целосна интеграција во НАТО и ЕУ, обезбедуваме стабилна сегашност, безбедност и многу поперспективна иднина, истакна претседателот на Собранието, Џафери.
Говорејќи за членството во Алијансата, тој појасни дека членство во колективните безбедносни системи како што е НАТО, подразбира голема одговорност и активен придонес во зачувување на мирот и безбедноста, не само дома, туку и на глобално ниво.
- Припадниците на нашата армија досега учествувале и учествуваат во повеќе мировни операции ширум светот. Притоа, иако нашата армија е мала, сепак секојдневно потврдува дека има добро обучени војници и старешини кои ефикасно и одговорно ги исполнуваат дадените задачи. Односно, имаме армија која ги исполнува стандардите на НАТО, изјави Џафери.
Во исто време, рече во обраќањето Џафери, НАТО не е само воена организација туку има многу значајна цивилна димензија, која пред сè е насочена кон целосно функционирање на правната држава, почитувањето на човековите права и слободи, односно почитувањето и применувањето на сите демократски стандарди врз кои денеска се темели парламентарната демократија.
Истакна дека согласно програмата на школата за слушателите се планира и посета на институциите и затоа, нагласи дека Собранието на Република Македонија и тој лично, а и неговите колеги пратеници, со големо задоволство ќе прифатат такви средби и преку отворен дијалог со младите слушатели ќе ја претстават работата на Собранието, особено во остварувањето на реформите кои се потребни за нашата интеграција во евроатланските структури.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа