Шилегов: Македонија ќе оди напред само доколку сите заедно излеземе на референдум

Денес е денот кога го славиме осамостојувањето на Македонија, со референдумот од 1991 кога нашите татковци и дедовци, нашите повозрасни роднини и пријатели храбро се одважија и избраа иднина за нашата држава. Независна суверена и демократска Република Македонија.

Оттогаш поминавме низ многу крстопати и во клучните моменти, секогаш избиравме иднина.

Така и денешниов празник на самостојноста на Македонија може да биде предвесник, најава, за потврдување на желбата за европска иднина на нашата земја.

Денес сме горди на Илинден, на АСНОМ и на Референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност. Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца.

И еве не исправени пред одлуката со која треба да ја потврдиме таа иднина за нашите деца, да потврдиме дека сакаме, а уште повеќе и заслужуваме подобро, после сè што преживеавме.

Сега треба да го направиме следниот чекор, во духот на сплотеноста која сме ја имале низ историјата секојпат кога сме одлучувале за клучни прашања за иднина и развојот на нашата земја и народ, во духот на АСНОМ-ците, прво ги утврдивме и запазивме атрибутите на нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик и нашата националност, македонска, во договорот со Грција, и веќе сме на сигурно тло, дека во Европа и НАТО ќе влеземе со крената глава.

Ги повикувам сите оние кои се колебаат или кои можеби имаат прашања и нејаснотии, имаме 20-тина дена до референдумот за да разговараме. Слободно да ни пристапите... слободно кажете ни кои се вашите дилеми, прашања, стравови. Секој ден сме низ селата и градовите низ Македонија, и сакаме да ве чуеме.

Ајде да разговараме искрено и отворено. И без разлика на исходот на дебатата, на 30-ти септември сите, масовно да излеземе и да гласаме. Секој според сопственото убедување и според сопствената визија за себе и за своите најблиски.

Одговорноста е кај секој од нас. Никој друг нема да ја донесе одлуката за нас.

Јас останувам јасно посветен на борбата за иднината на Македонија. Мојот избор е ЗА. Да излезам ЗА европска Македонија! Верувам и во вашата одлучност и посветеност.

Разговарајте со сите ваши блиски, пријатели соседи. Во овој клучен момент за Македонија, одлуката ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат на референдумот, а не оние кои сеирџиски незаинтересирано и рамнодушно ќе останат дома.

Ве повикувам искрено на 30-ти септември да излеземе масовно и да гласаме ЗА.

Ние избираме да одиме напред, кон подобра иднина, преку членство во НАТО и ЕУ.

Оваа одлука, која треба да ја донесеме сите заедно како народ, е историска одлука -одлука за која ќе полагаме сметка или ќе се гордееме пред генерациите што идат после нас. Оваа одлука е прагот кој со години чекаме да го преминеме од Македонија во каква што живееме изминативе 27 години, во Македонија каква што сите изминати 27 години посакуваме да биде.

И за тоа не постои никаков изговор кој не амнестира од одговорноста која стои пред нас. Не како политичари, туку како една цела нација, како заедница. Не сакаме да останеме заглавени во неизвесност, ризик и изолација.

Не смееме да си дозволиме да потфрлиме сега. Затоа што ова не е борба за превласт на политичка опција. Ова е борба за eвропска Македонија. За европска иднина, за повеќе инвестиции за повеќе и подобро платени работни места, за превенирањето на иселувањето на младите, за создавање подобри стартни позиции за развој на претприемничкиот дух кој е се поприсутен кај новите генерации, ова е борба за нас самите.

Погрешно е тоа што на ваква шанса се гледа повторно од политичката поларизирана перспектива.

Овој референдум не е ни за СДСМ ни за ВМРО-ДПМНЕ. Овој Референдум е натпартиски, над-национален.

Но тоа мораме сами, ние. Немој да мислите дека работата е завршена, или дека некој друг ќе ни ја истера работата. НЕ!

Сите имаме јасна и конкретна должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели-- сите заедно излеземе и гласаме на 30-ти септември.

Ако, на референдумот, потврдиме, како народ, дека сме спремни за европски живот и иднина, ќе добиеме сите. Ќе добијат и оние кои би гласале против и оние малкумина кои би бојкотирале. Но ако се повлечеме во овој клучен момент, ќе изгубиме сите. Сите, како народ, како луѓе, без разлика на која партија сме припадници или симпатизери, или на која политичка идела застапници.

Со бојкот и отфрлање на оваа, можеби последна шанса за Македонија, губиме како народ. Вклучително и политички партии и граѓански организации и земјоделци и спортисти и иноватори... сите.

Европската Унија и НАТО не повикуваат. Бидете горди на тој факт!

Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите на која граѓаните се горди, не штедејќи се себеси.

Патриот си кога се грижиш за она што доаѓа утре. Патриот си кога ќе ја обезбедиш и заштитиш подобрата иднина.

Патриот си ако го сакаш најдоброто за својата земја, за своето семејство, за луѓето околу себе.

Патриот си ако ја сакаш иднината, изградена врз цврстите, врз добрите темели на минатото. Време е Македонија да направи историја и забрзано да продолжи по патот кон посветла иднина. Ова е нашата шанса.

Oдговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички. Никој нема наместо нас да донесе одлука.

На 30-ти септември ќе ја потврдиме нашата определба и затоа велиме: Излези ЗА европска Македонија!

Тоа е одлука за иднината на Македонија, за иднината на нашиот народ, за иднината на нашите деца и нивните деца, а не за изолација и ново темно доба на преживување, страв и неизвесност за нашата земја и нашиот народ.

Да ни е среќен денот на независноста!

Македонија ќе ја биде!

Петре Шилегов, потпретседател на СДСМ

 

 

 

08.09.2018 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега