ВМРО-ДПМНЕ: Пари за кампања не ни требаат - вратете ги кај граѓаните

„Во однос на спорните одлуки на Владата на Република Македонија за пренамена на средства од буџетите на определени институции, како и дополнителните префрлања од Владини институции на Собранието на Република Македонија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ има единствен  став дека своеволната одлука на Владата и нејзините пратеници за финансирање кампањи не е од интерес на граѓаните на Република Македонија.“ - се вели во соопштението на пратнеичката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Без разлика на тоа каков би бил ставот кој се рекламира, цениме дека тие средства треба да бидат наменети за реализација на проекти од кои има реален интерес. Соодветно, средства кои се планираат за пренамена од образование, треба да се за изградба на училишта. Оние од земјоделие, за помош на земјоделците. Или пак тие од Одбраната, за соодветно опремување на војниците. Токму со вакви предлози веќе излезе и ВМРО-ДПМНЕ.

Спротивно на тоа, финансирање на своеволна кампања од власта со буџетски средства на граѓаните е погрешна одлука. Тие средства никој не им одобрил на пратениците од власта или нивните функционери да ги трошат за себерекламирање.

Оправдувањето дека тие би биле за медиумска кампања за поддршка на референдумот се неосновани. Дополнително ја девалвираат способноста на граѓаните сами да проценат за придобивките од Договорот со Грција, како и за поврзаноста со Европските стандарди и принципи.

Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум. Тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. А информирањето за различни видувања околу можните исходи и последици да бидат предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период, како и со јавно споделување на аргументите за опциите кои се нудат.

Тоа би било во најдобар интерес на зајакнување на демократските капацитети во државата и носење на информирани одлуки во интерес на Република Македонија“ - стои во партиското соопштение.

 

 

 

29.08.2018 - 17:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега