Бучковски: Договорот го гарантира идентитетот и ги отвора вратите на ЕУ и НАТО

 

МИА побара мислења и ставови од сите поранешни премиери на Република Македонија во врска со договорот со Грција и процесот на решавање на двеиполдеценискиот спор за името. Се обративме до Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев. Досега од нив единствено одговори експремиерот Владо Бучковски. Во продолжение ги пренесуваме неговите ставови.

Преговорите за името, по 27 години, конечно дојдоа до завршница. Како го оценувате постигнатиот договор. Што е клучно? Што е за вас реален компромис?

- За мене постигнатиот договор е реален компромис кој го гарантира нашиот идентитет и ни ги отвара ширум вратите за членство во НАТО и ЕУ. Тоа е за нас клучно ја обезбедубама нашата иднина.

Преговорите се развлекуваа повеќе од две децении. Зошто се дозволи ова нерешено прашање толку долго да не оптоварува и на внатрешен и на надворешен план. Преговаравме или глумевме преговори?

- Дали искрено преговаравме или глумевме преговори? Веројатно имаше во изминативе 25 години и едно и друго... Јас секогаш правам дистинкција на периодот до 2008-та и Самитот на НАТО во Букурешт и од 2008-та до денес. До 2008 верувавме дека Времената спогодба од 1995. ни гарантира дека Грција нема да ги попречува нашите евро-атлантски интеграции... Веруваме дека времето работи за нас и ги броевме државите кои не признале под уставното име ...се боревме за т.н двојна формула (едно име за билатералните релации со Грција и другото име, нашето уставно име за сите други). По 2008-та, кога Грција го искористи правото на вето, а НАТО го услови нашето членство со изнаоѓање на заеднички прифатливо решение... работите драстично се влошија. Стана јасно дека мора интензивно да преговараме...Груевски веруваше дека со одлуката на Меѓународниот суд во Хаг ќе ја вратиме состојбата во претходна состојба...но иако правно го добивме случајот за прекршување на Времената спогодба од страна на Грција, тоа не го промени ставот на НАТО. Во последната година имавме вистински интензивни преговори, никогаш претходно немаше таков интензитет...или можеби пред Времената спогодба од 1995-тата имаше сличен интензитет.

Дали во вашиот мандат имаше реална можност за затворање на прашањето, слична или можеби и подобра од сегашната?

- Во мојот мандат Грција доследно ја почитуваше Времената спогодба и во декември 2005 го подржа добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ. На средбата што ја имав на почетокот на 2006 со грчкиот премиер Караманлис стана збор за нашето зачленување во НАТО под привремената референца и за интензивирање на преговорите за разликите околу нашето уставно име по отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ... Ги паметам уште неговите зборови “...Бучковски не инсистирајте да влезето во НАТО со уставното име , користете го привременот име и ќе не имате за сојузник на тој пат...”. Од денешен аспект гледано, тогаш бевме исклучително почитувани од меѓународната заедница како лидери во регионот и убеден сум дека би имале подобар договор од денешниов, арно ама тогаш немавме зорт како денес...од решавањето на проблемот со името да зависи нашата евро-атлантска перспектива. Јас сум убеден дека ќе бевме членка на НАТО заедно со Хрватска и Албанија во 2008-та  и членка на ЕУ заедно со Хрватска во 2014-тата, но со промената на власта во август 2006,  владата на Груевски од готово направи вересија. Антиквизацијата скапо не чинеше.

Сметате ли дека се најде вин-вин позиција за Македонија и за Грција. Следува изјаснување на парламентот, а потоа изјаснување на граѓаните на референдум. Дали очекувате потешкотии во имплементацијата? 

- Договорот е асиметричен според мене... Различна е нашата сила и на Грците... преговаравме за нашето име. Опозицијата во Грција го напаѓа договорот заради македонскиот јазик и македонската нација... и кај нас опозицијата е незадоволна заради новото уставно име и севкупната употреба (ерга омнес) и тоа е знак дека има компромис. Ценам дека компромисот е одржлив. Потешкотии во имплементацијата ќе има, но референдумот ќе биде вистинскиот тест. Јас верувам дека мнозинството од нашите граѓани ќе гласа за!

Верувате ли во успех на договорот? Има ли алтернатива ако не успее? 

- Јас не гледам друга алтернатива освен НАТО и ЕУ... тоа е нашата стратешка определба. Затоа и верувам во успехот на овој договор... верувам и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на референдумот и ќе даде свој придонес за неговата успешност. Претседателот Иванов намерно не го споменав...во него не верувам.

 

 

 

16.06.2018 - 20:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега