Шекеринска со интензивна агенда во НАТО пред јулскиот самит

 

Македонија е вистински партнер на Алијансата и заслужува да стане нејзин сојузник. Членството во НАТО ќе биде признание за нашите напори и ќе ја зајакне безбедноста во регионот.

Ова е пораката, која министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска и утре во Брисел ја упатува до своите колеги, министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО, во пресрет на јулскиот самит на Алијансата.

Шекеринска денеска се сретна со летонискиот министер за одбрана Раимондс Бергманис, а утре на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО ќе има средби со повеќе министри за одбрана на земји членки на НАТО.

 

Попладнево во Монс, Шекеринска се сретна со заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот  Џејмс Еверард.

На средбата министерката  истакна дека Република Македонија е цврсто и недвосмислено посветена да ја оствари својата цел - полноправно членство во Алијансата и дека и Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се фокусирани на внатрешните реформи.

- Македонија е вистински партнер на Алијансата. Преку интензивната соработка со Главната команда на сојузничките сили за Европа, АРМ гради капацитети кои се целосно компатибилни со НАТО-Алијансата, рече министерката.

Таа изрази надеж следниот самит на НАТО ќе биде самит на кој реално ќе се валоризираат постигнувањата на земјата и на полето на одбраната, но и во поглед на демократизацијата на општеството, слободата и независноста на медиумите, добрососедските односи.

Во однос на безбедноста и одбраната, министерката посочи дека Македонија, со зголеменото учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, продолжува да ги поддржува политиките и напорите на НАТО за воспоставување на мир, слобода и демократија на светско ниво.

Шекеринска истакна дека блиската соработка со Главната команда на сојузничките сили за Европа е видлива и преку неодамна организираната Конференција за воени партнерства во Скопје на која 180  претставници на НАТО-земјите и земјите-партнери разговараа за операциите на Алијансата и учеството на партнерите, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуката и тренинзите.

Министерката Шекеринска во Монс ќе го посети и Здружениот оперативен центар на Главната команда и ќе се сретне со началникот на воено-партнерската девизија, генерал-мајор Егил Педерсен.

Шекеринска утре ќе учествува и на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО и министрите за одбрана на земјите учесници во мисијата „Одлучна поддршка“, со кој претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. 

 

 

 

07.06.2018 - 16:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа