Членовите на ДИК ќе се бираат без критериуми и ќе бидат на функција само шест месеци

Собранието на РМ во петокот донесе одлука за распишување оглас за избор на нови членови н Државната изборна комисија, а денеска огласот беше објавен во весниците, објави Слободен печат. Согласно со условите, член на ДИК може да биде секој државјанин на РМ, кој има високо образование и не е член на орган на политичка партија. Од партиите велат дека е потешко да се најдат кандидати кои ќе бидат членови на ДИК, со оглед на тоа дека станува збор за само привремено решение кое ќе трае 6 месеци,  по што ќе треба да се избере нов состав согласно измените на Изборниот законик што ќе ги договорат политичките партии.

Огласот за избoр на претседател, потпретседател и членови на ДИК е објавен денеска. За овие функции може да биде избрано лице кое ги исполнува условите од член 27 (став 1) од Изборниот законик, да е државјанин на РМ со постојано место на живеење во РМ, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија. Огласот трае 8 дена, а заинтересираните кандидати документите ги доставуваат до Собранието.

– Овој состав на ДИК ќе биде привремено решение со мандат од шест месеци, затоа и се даваат поопшти услови. Во тек се преговори меѓу политичките партии на кои се преговара за законската регулатива поврзана со изборите и изборните процеси. Во рамките на тие преговори нашето барање е ДИК да биде целосно професионална и непартиска и сега околу тоа се кршат копјата – вели Томислам Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Тој посочува дека очекувањата се наесен да се постигне договор меѓу партиите и тогаш повторно да се направат измени на Изборниот законик и да се избере нов состав на ДИК. Во рамките на овој договор треба да биде и прашањето за пржинската влада, односно, дали наредните парламентарни избори ќе ги организира привремена влада во која ќе учествува и опозицијата, како што тоа беше во 2016 година.

Од Државната изборна комисија објаснуваат дека во текот на работата се соочуваат со проблеми бидејќи откако поранешниот состав си поднесе оставка, сега нема кој да носи одлуки и други акти кои излегуваат од надлежност на генералниот секретар на Изборната комисија и стручните служби, а се неопходни за да може ДИК да ги исполнува своите законски обврски. Со реконструкцијата на владата, пратеникот Петар Атанасовски требаше да стане заменик-министер за образование, но ова беше одложено, бидејќи нема кој да го извести Собранието за верификување на мандатот на нов пратеник кој доаѓа на негово место. Исто така, ако треба да се организира референдум, како што најавува премиерот Зоран Заев, на кој граѓаните би се изјасниле за прашањето за спорот со името, мора да има Државната изборна комисија за тој да може да се спроведе.

Согласно актуелното решение, откако ќе заврши огласот, Комисијата за избор и именување ќе треба да направи листа на кандидати кои ги исполнуваат условите, а политичките партии да дадат свои предлози за нови членови на ДИК. Опозицијата предлага претседател и двајца членови, а владејачките партии предлагаат потпретседател и тројца членови, со што мнозиството во ДИК го има власта.

Условите во конкурсот покажуваат дека огласот е само формалност што треба да се испочитува, а повторно партиите ќе одлучуваат кој ќе биде член, вели Џабир Дерала од Цивил.

– Со овој модел се враќаме во систем што сметавме дека е надминат затоа што е лош. Несериозно е во огласот да не се постават критериуми кои ќе значат конкурирање на искусни и обучени кадри, а не партиски војници. Цивил останува на своето барање за членови на ДИК да се избираат непартиски кадри кое се експерти во областа на изборната регулатива и изборните процеси – вели Дерала.

Лани во декември, последниот состав на ДИК си поднесе оставка откако исплива на површина скандалот со исплаќањето на надоместоци за патни трошоци како и премии и бонуси за организирање на избори. Оставка не поднесе само претставничката на Беса, но со објавување на новиот оглас и нејзиниот мандат престанува.

 

 

 

04.06.2018 - 18:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега