Нова рунда разговори за името следната недела во Виена

Нова рунда разговори за името на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас со посредникот Метју Нимиц ќе се одржи на 25 април во Виена, објави Сител, повикувајќи се на грчките медиуми.

Според информациите на атинското радио 98,4 на заедничката средба во Виена, ќе се направи обид за отстранување на препреките за конечно решение во спорот за името, базирано на заклучоците од последниот состанок на двајцата министри во Охрид.

Интензивните разговори ќе продолжат и потоа, со средбата на Димитров и Коѕијас во Солун на 4-ти и 5-ти мај, на маргините на прекуграничната безбедносна конференција.

Медиумот потсетува и на изјавите на официјалните претставници од двете земји. Коѕијас вчера изјави дека Грција инсистира на ерга омнес име за сите употреби, кое ќе обезбеди стабилен и долготраен договор, и очекувањата процесот да не заврши до самитот на НАТО во јули. Премиерот Заев, пак и во последната своја изјава инсистира на двојно име, односно сложеното име да се користи само за меѓународна употреба, и одбива промени во уставот, пренесува атинското радио.

Слични се информациите и во другите медиуми. Притоа се истакнува оптимизмот на високата претставничка на Унијата, Федерика Могерини, изразен по средбата со премиерот Заев, дека  решение за спорот може да се најде наскоро, што зборува за поодмината фаза во преговорите.

Од друга страна, владеачката Сириза, преку својот шеф за европски и меѓународни работи, Јанис Бурнос испрати уште една порака дека грчката влада нема да отстапи од позицијата ,,едно име за севкупна употреба‘‘, додавајќи дека решавањето на спорот ќе донесе голем бенефит за Грција. 

Во меѓувреме уште една анкета потврди дека се менува јавното мислење во Грција во однос на спорот за името.

50 проценти од анкетираните Грци сметаат дека взаемно прифатливо решение за името за севкупна употреба е во служба на грчките интереси. 51% оценуваат дека Грција не може да постигне договор без да биде вклучен термин „Македонија“ во името,  покажуваат резултатите од истражувањето спроведено за потребите на грчкиот информативен портал News 24/7.

 

 

 

19.04.2018 - 16:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега