Најавени инвестиции од 270 милиони евра за нови и за обнова на патишта

Инвестициски циклус  од 270 милиони евра со офанзивна изградба, реконструкција, рехабилитација и обнова на повеќе од 60 патишта во должина од 800 километри, најави денеска премиерот  Зоран Заев.

До крај на следниот месец се ветува пуштање на автопатот Демир Капија - Смоквица, до крај на септември на Миладиновци - Штип, а ќе продолжи да се работи на  автопатот Кичево - Охрид, за каде е продолжен рокот за изградба до 2021 година.

Веќе се склучени договори со изведувачи на градежните работи за изградба на експресни патишта Штип-Радовиш и Градско-Дреново, што ќе почнат следниот месец, како и за Ранковце-Крива Паланка, по добивање на одобрение за градење. Инвестицијата изнесува 100 милиони евра.

Со околу 20 милиони евра ќе се работи на рехабилитација на патишта од 230 километри, со 86 милиони евра од ЕБОР се планира рехабилитација на 26 патишта во должина од 422 километри, со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патишта во должина од 150 километри...

Заев вели дека дел од проектите ќе бидат завршени годинава, дел ќе бидат почнати, а дел комплетирани во различни временски интервали во следните неколку години.

- Инфраструктурното поврзување меѓу градови, села и населените места на цела територија на Македонија, како и на државава со земјите со земјите од регионот и Европа претставува стратешки и врвен приоритет на Владата. Работиме на тоа да обезбедиме вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт, рече Заев, истакнувајќи дека Владата е определена за што поголема реализација на капиталните инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура.

Квалитетно изградената патна инфраструктура ќе биде крвоток на стоки, услуги и транспорт на патници и важен предуслов за зголемена трговска размена на државата со странство, истовремено е основа за привлекување нови странски и домашни инвестиции, додаде Заев.

Според министерот за транспорт Горан Сугарески, планираната програма за работа е со најголем број проекти за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата.

- Практично цела Македонија ќе биде големо градилиште, рече Сугарески.

Тој најави дека годинава ќе се изработи проектна документација и за изградба на полуавтопатско решение од Прилеп до Битола, како и проекти за експресни патишта Битола – ГП Меџитлија и Струмица – граница со Бугарија.

Очекува што поскоро да биде изгласан анексот на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид кој е продолжен до  јуни 2021 година. Дополнителните пари што ќе бидат потребни за доизградба појасни ќе се знаат по претстојното препроектирање на тунелот и проектирањето на девет клучки, мостови и други позиции.

За делницата Скопје – Блаце почнато е ново проектирање на целата траса на ниво на автопат со оглед дека сегашниот проект не ги задоволува меѓународните технички и безбедносни стандарди.

Покрај досегашните опциии, како што рече Заев, утре на економски совет ќе се разгледа и варијанта за оваа делница со т.н  комплетна понуда, која ќе значи проектирање  и изведба со можност за стартување уште ова лето. 

-Македонските закони тоа не го дозволуваат, досега Македонија работи по вакви критериуми согласно пари од ЕБОР  и другите банки, ќе разгледаме како можност, се нудат од компании со финансирање можности веднаш да почне со реализација  додека се допроектираат проблематичните делови, појасни Заев.

Во тек е  проектирање за изградба на нов автопат, делница Гостивар-Кичево, кој се планира да се гради во три фази. Кај автопатската мрежа во  тек е реконструкција и на дел од коловозот на делницата Сарај-Групчин, Петровец-Миладиновци и Кадино-Хиподром, а во следниот период ќе почне санација и на други автопатски делници, најави Сугарески.

Како што информира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, завчера е издадена и последната градежна дозвола за новите електронски патарини на Коридорот 10 за кои во периодот додека корисниците да се навикнат за електронско користење ќе остане и опцијата со плаќање во готово.

Приоритет, покрај изградба на нови ќе биде и обнова на старите патишта согласно препораките на експертите од Светска банка. Домашни и странски експерти веќе ги утврдиле патиштата во најлоша состојба.

 

 

 

28.03.2018 - 15:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега