Состанок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан во Сараево

Шефот на македонската дипломатија  Никола Димитров денеска ќе учествува на состанокот на министри за надворешни работи на државите од Западен Балкан и на министерската коференција за Фондот за Западен Балкан, што се одржуваат во Сараево.

Во фокусот на дискусиите на состанокот ќе биде Стратегијата за кредибилна европска перспектива објавена минатиот месец од Европската комисија и можностите за нејзина операционализација. Ќе се разговара и за резултатите од Самитот во Трст, нивната досегашна имплементација и очекувањата од претстојниот Самит за Западен Балкан кој ќе се оддржи во Лондон, во јули  годинава, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Според најавата, на состанокот ќе учествуваат и заменик премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Сер Алан Данкан, генералниот директор во Европската комисија, Кристијан Даниелсон и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.

Министерот Димитров, исто така, ќе учествува и на Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан каде ќе се разгледаат досегашните резултати од работата на оваа организација, како и нејзините идни активности.

Во тек на престојот во Сараев Димитров ќе учествува и на конференцијата „Bergedorf Round Table“ која оваа година се организира на тема „Долгиот пат кон Европа: Западниот Балкан меѓу домашните предизвици и геополитиката“, а на која ќе учествуваат владини претставници и меѓународни експерти

 

 

 

16.03.2018 - 08:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега