Барањето решение за извозот на брашното го донесе Љајиќ во Скопје

 

Решение на проблемот со извозот на српско брашно во Македонија, се очекува од денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и вицепремиерот и министер за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Расим Љајиќ во Скопје.

Проблемот кој досега вообичаено се јавуваше во септември, годинава почна многу порано, веднаш откако македонската Влада го донесе новиот Правилник за увоз на брашно во земјава.

Правилникот стапи во сила на 8 февруари, а предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увезување на пратките и нивната контрола, а не пред да се реализира извозот во Македонија.

Како што објаснуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), извршено е само усогласување на постојниот правилник за да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно, како и да се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.

- Со измените на Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање контролни маркички за означување брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји. Новина е што контролните маркички ќе се издаваат откако ќе се добијат резултатите од анализите.

Во останатите одредби од Правилникот нема промена, ниту има какви било дополнителни финансиските трошоци за увозниците.

- Со измените, на увозниците им се гарантира прецизна постапка на добивање маркички, побрза и поевтина во споредба со претходните години. Во таа насока, минатата година Владата донесе одлука за измени за висината на надоместокот за издавање контролни марки за означување брашно. Со овие измени се намали надоместокот за издавање контролни маркички од 0,5 денари на 0,2 денара за пакувања од еден килограм и од 1,5 на 0,2 денара за пакувања од 25 килограми. Ова намалување важи и за домашното и за увозното брашно, велат од МЗШВ.  

 

 

 

02.03.2018 - 08:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега