Заев: Решение за името е добро и за Македонија, и за Грција и за ЕУ

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Софија изјави дека очекува спорот за името со Грција наскоро да биде решен и оти тоа би било добро и за Скопје и за Атина и за ЕУ.   

Заев смета дека сега се најголеми шансите овој долгогодишен проблем конечно да биде затворен, што и би го отворило патот на Македонија кон ЕУ. Сепак, истакна дека тој проблем трае повеќе од 25 години и ако бил лесен за решавање, некој досега би го решил.

- Убеден сум дека проблемот може да биде решен за доброто на Грција, на Македонија, и на ЕУ. Целта ни е до јуни да добиеме датум за преговори со ЕУ. Тоа не значи дека не можеме да го решиме и во март. Колку побрзо толку подобро, оцени Заев, кој во Софија учествуваше на состанокот на лидерите од Западен Балкан со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. 

Прашан за текот на преговорите со Грција Заев рече дека не може да каже детали, но оти „во секој случај треба да се има предвид позицијата што би го потврила фактот дека Република Македонија е дел од историска Македонија, односно нејзиниот северен, горен дел. Се надевам дека секој ќе го почитува овој факт, како и достоинството и идентитетот на своите соседи, во името на идното партнерство“.     

На новинарско прашање за протестите во Скопје против преговорите за името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, Заев рече дека „Македонија е демократска земја, секој има право да протестира, но оти Владата мора да се грижи за добрите перспективи на сите граѓани“.

Во врска со европерспективата на Македонија и другите земји од регионот, македонскиот премиер рече дека земјите членки на ЕУ не треба да се плашат од Балканот, напротив можат да имаат корист од проширувањето на Унијата.

- Државите од Балканот имаат европски вредности и можат да бидат добар партнер на земјите членки на ЕУ, рече Заев и изрази задоволство од засилениот ангажман на Брисел во регионот и од средствата што ги издвојува за земјите од Западен Балкан.

 

 

 

01.03.2018 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега