Заев во Софија: Очекувам прашањето за името да се реши пред Самитот на ЕУ

Тука сум во Софија да го споделам големото пријателство со Бугарија по потпишувањето на Договорот за пријателство. Република Македонија покажува сериозно водство на патот на евроинтеграцијата на Западен Балкан, кои се подготвени да бидат дел од ЕУ, рече во македонскиот премиер Зоран Заев во Софија.

„Премиерите на Западен Балкан многу ги ценат напорите на бугарската влада и претседателството за Западен Балкан, што е навистина за почит. Владата на Бугарија покажа силно лидерство во регионот за евроинтеграциите на Западен Балкан. Убеден сум дека граѓаните од сите шест земји високо ќе ги ценат напорите на Бугарија, вклучувајќи ги и премиерите и претседателите, кои денеска беа тука. Достојно за почит е и фактот дека Бугарија посветува сериозно внимание на своите соседи и пријатели“, рече Заев, пренесе МКД.МК.

Според него бојко Борисов е практичен човек, сака да зборува за конкретни работи - проекти и пари. Македонија е  подготвена со своите проекти. За преговорите за името, Заев рече дека тоа трае веќе 25 години.

„Тоа не е лесно прашање, ако беше лесно, досега некој ќе го решел. Верувам дека сега имаме голема шанса за решавање на ова прашање. Позитивниот став на премиерот Ципрас, како и на лидерите на опозицијата и на останатите политички играчи, покажуваат дека имаат желба да се реши ова прашање. Тоа ми дава причина да верувам дека ќе дојдеме до решение. Јас сум убеден дека за доброто на граѓаните и на Грција и на Македонија ова прашање треба да се реши. Јас очекувам тоа да се случи пред самитот на ЕУ во јуни, кога очекуваме да добиеме датум за почеток на преговори и очекувам дотогаш проблемот да биде решен. Тоа не значи дека не може да го решиме и во март - колку порано, толку подобро. Добар пример во оваа насока се односите помеѓу Бугарија и Македонија во последните 7 месеци. Трговијата се зголеми за 12%. Погледнете колку проекти постојат меѓу двете земји. Имаме соработка меѓу министерствата за одбрана и за внатрешни работи во борбата против тероризмот, како и во безбедноста. Се надевам дека такви ќе бидат и односите со Грција. Нема да навлегувам во детали во однос на преговорите за името. Решението треба да го потврди фактот дека Република Македонија е дел од историска Македонија, при тоа мислам на северниот, горниот дел на оваа историска Македонија и се надевам дека секој ќе ги почитува достоинството и идентитетот на овие факти, и заедно со тоа ќе го задржи достоинството и идентитетот на своите соседи, во името на идното партнерство“, рече Зоран Заев.

 

 

 

 

01.03.2018 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега