Бектеши - Бекај: Автопатско поврзување и зголемување на економската соработка

 

Изградбата на автопатот Блаце - Скопје била една од темите на денешната средба во Скопје на министерот за економија Крешник Бектеши со косовскиот министер за иновации и претприемништво Бесим Бекај.

Министерот Бектеши во изјава за медиумите рече дека за овој проект вчера на седница на Влада поминала информацијата за автопатот и заклучокот неговата изградба  да почне следната година. 

Косовскиот министер Бекај, од своја страна рече дека го запознал Бектеши со одлуката на косовската Влада за изградба на автопатот до границата со Македонија.

- Во интерес на двете страни е тој автопат да се изгради во двете држави. Од тоа ќе имаат придобивки граѓаните и бизнисмените од двете држави, рече Бекај.

Во однос на унапредување на деловните врски на бизнисите од двете земји, како што истакна Бектеши, било договорено да се одржи седница на Мешовитиот комитет на која ќе стане збор за различни теми од областа на економијата. Зборувале и за трговската размена за која министерот за економија оцени дека може уште да расте.

Бекај, пак, оцени дека економската соработка меѓу двете земји е одлична. Додаде дека на средбата станало збор и за подготовката на наредниот состанок на двете влади, што посочи, ќе биде добра можност двете држави да ја продлабочат соработка и преку потпишување нов договор во сферата на претприемништвото и иновациите на предлог на косовската страна. 

Министерот Бектеши го информирал гостинот од Косово и за новите мерки кои произлегуваат од планот за економски раст што веќе се презентирани пред јавноста, укажувајќи на можностите со законското решение кое се подготвува за поддршка на странските и домашните инвститори. 

- За меѓусебната соработка со Косово, со мерките од Планот посебно очекуваме ефекти во делот на инвестиции и на регионалната соработка, што ќе биде од корист за двете држави, изјави министерот Бектеши.

Македонија и Косово во првиот квартал на оваа година се очекува да ја одржат и четвртата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка, а во постапка на подготовка е и меморандумот за соработка за контрола на стратешки стоки, кој по финализирањето од двете страни, ќе биде потпишан од ресорните министри.

Билатералната трговска размена со Косово, лани во однос на 2016 година  е зголемена за 11,4 проценти, а годинава  за  шест проценти.

 

 

 

14.02.2018 - 16:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега