НБРМ: Девизните резерви во јануари забележаа раст

 

Македонската економија во последниот квартал од минатата година продолжила да закрепнува со нешто подобро темпо споредено со третиот квартал, оценува Народната банка на Република Македонија.

На ваква констатација, како што соопшти НБРМ, посочуваат податоците за најновите остварувања во индустријата и трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно задржување на довербата на економските субјекти.

На вчерашната седница на  Комитетот за оперативна монетарна политика е оценето дека монетарната поставеност е соодветна и е одлучено аукцијата на благајнички записи да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25 проценти.

Разгледувајќи ги најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од октомври минатата година, Комитетот  заклучил дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Констатирано е и понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и солидната динамика на депозитен раст.

Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за годинава од два процента се оценети како урамнотежени. 

Според НБРМ, податоците за девизните резерви во минатиот месец покажуваат раст, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата  како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Тие движења кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, така што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Во отсуство на понови податоци за билансот на плаќања за 2017 година, и понатаму останува констатацијата за можност за остварување помал дефицит на тековната сметка и нешто пониски нето-приливи во финансиската сметка од очекуваните, соопштува НБРМ и укажува дека на крајот на  минатата година на кредитниот пазар е забележано и одредено забрзување кај кредитирањето на корпоративниот сектор.

На девизниот пазар, поволните движења од крајот на декември минатата година, коишто се карактеризираа со зголемена понуда од менувачниците, продолжиле и на почетокот на јануари годинава, придонесувајќи банките да откупуваат девизи во трансакциите со сите клиенти на нето-основа, поради што дел од вишокот ликвидност го насочиле кон Народната банка, којашто откупила пет милиони евра. 

 

 

 

14.02.2018 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега