Амбасадорот на Европската Унија во посета на Кавадарци

Шефот на делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар денеска беше во работна посета на Кавадарци.

Имаше работна средба со градоначалникот Митко Јанчев и советници во кавадаречкиот совет. Жбогар ја поздрави соработката помеѓу советот и градоначалникот иако доаѓаат од различни политички партии. Посака таква соработка меѓу двете најголеми партии да има и на национално ниво, се во интерес на граѓаните.

-Навистина постои многу добра соработка, а тоа се гледа и од самиот факт што градоначалникот на денешниот состанок ги донесе и претставниците на другите политички партии. Тоа само по себе говори дека постои многу добра соработка на ниво на општинскиот совет, впрочем тоа и го потврдија присутните на состанокот. Мислам дека е многу добро да се види една таква соработка која што функционира посебно на локално ниво, затоа што луѓето од различните партии се обединуваат за реализација на проекти за добробит на граѓаните. Овој пример треба да се види и во другите општини. Ваков пример на добра соработка би сакале да видиме и на национално ниво, посебно кога се работи за национални стратешки прашања каде што соработката помеѓу двете големи политички партии би била повеќе од неопходна, рече Жбогар.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев искажа задоволство од посетата на евро амбасадорот на општина Кавадарци.

-На наше задоволство и на граѓаните на Кавадарци гостин ни беше амбасадорот Жбогар. Разговаравме на повеќе теми и за она што ЕУ заедно со амбасадорот го имаат сработено како грантови донации за подобро на граѓаните. Разговаравме и за нашите проекти кои што ги имаме. За новиот градоначалник и новата визија за Кавадарци и за проекти кои во соработка со ЕУ би можеле да ги реализираме, рече Јанчев.

Жбогар за прв пат денеска официјално е во посета на Кавадарци и искажа задоволство истата и од тоа што можел да го слушне.

-Ми беше мило да слушнам многу пофални зборови за градоначалникот за плановите за развој на општината. Слушнав охрабрување, позитивни размислувања во врска со неговата работа и за довербата што ја имаат граѓаните во новото лидерство на општината, нагласи Жбогар.

При денешната посета на Кавадарци амбасадорот најпрво беше во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ каде оствари средба со неколку мина кавадарчани обучени за изработка на мебел со пари од Европската Унија. Амбасадорот на нив им предаде сертификат со кој можат да работат како во земјава, така и во земјите членки на унијата.

Оваа средба беше дел од проектот “Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите на стручно образование и обука и на образованието на возрасните”, спроведен од Британскиот Совет, а финансиран од Унијата.

Амбасадорот денеска покрај училиштето ја посети и работилницата во која се врши практичната обука за ученици и возрасни, во која впрочем и беа обезбедени материјали за обука во рамките на проектот.

Посетата на Кавадарци ја искористи и за посета на Центарот за вработување, во врска со проектот “Поддршка на процесот за подобрување на работата и услугите на Агенцијата за вработување”.

 

 

 

08.02.2018 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега