Шилегов со автобус дојде на состанок: Интензивно чистење на улиците за намалување на загадувањето

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска информира дека во рамки на интервентните мерки за загадувањето, јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило почнуваат со интензивно чистење на улиците.

Акцијата, како што кажа, почнува во Шуто Оризари, Чаир и Бутел, каде ќе се спроведува во наредните три дена, а потоа ќе продолжи во Аеродром и Гази Баба, како пет општини кои се меѓу најзагадените во Скопје. 

- Прашината што се наоѓа на улиците во нашиот град, која долги години порано не била исчистена или миена, интензивно ќе ја тргаме од улиците како дел од интервентните мерки, потенцира Шилегов.

Тој додаде дека чистењето на град Скопје е нивна постојана обврска и потсети дека изминатата есен имаа голема акција за чистење која ќе продолжи и на пролет. 

- Аерозагадувањето е проблем со кој се соочуваме секојдневно.  Секој од нас, ние како инситуции и граѓаните треба на свој начин да дадеме придонес со цел да ја подобриме состојбата на амбиенталниот воздух во Скопје. Во оваа акција јавните претпријатија на Град Скопје учествуваат со целокупниот човечки и технички потенцијал кој го имаат и ќе трае  се додека временските прилики ни дозволуваат да ја извршуваме оваа активност, независно од тоа дали во меѓувреме ќе бидат укинати алтернативните мерки, рече Шилегов. 

Шилегов потенцира дека алтернативните мерки ќе траат се додека не добијат друго упатство од Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Дали ќе траат еден или пет дена не зависи од нас, туку од тоа каква ќе биде состојбата на воздухот, рече Шилегов.

Во овие два дена додека има бесплатен автобуски превоз, како што кажа, се вози со автобусите на ЈСП Скопје.

- Денеска изутринава дојдов со автобус до местото каде имав состанок, а потоа на прес-конференција додјдов со електричното возило што го користам во текот на денот, рече Шилегов. 

Одговорајќи на новинарско прашање појасни дека имало Албанци што биле именувани за членови во управните и надзорните одбори во  јавните претпријатија.

- Видовте дека и во ЈП Паркови и зеленило и Комунална хигиена се именувани Албанци. Стереотипите за определена етничка припадност на определени луѓе ја имаме надминато. Нам ни се потребни луѓе коишто ги исполнуваат квалификациите и законскиот минимум за да може да бидат именувани. Нас не не интересира останатиот дел. Важно е човекот кој треба да биде именуван дали за директор или за заменик директор да ги исполнува законски предвидените услови, посочи Шилегов и додаде дека очекува на јануарската седница на Советот да се заврши и преостанатата работа. 

Скопскиот градоначалник информира дека улицата „Македонска косовска бригада“ ќе биде решена заедно со тунелите под Кале и со мостовите преку Вардар кои треба овој дел од градот да го поврзат со остатокот од Скопје. 

Прашан дали имало тендер и за цената за превозот на учениците кои беа вклучени во бадниковите повороки во Скопје, Шилегов рече дека се работи за утврдена цена која ЈСП Скопје ја нуди кон трети лица и таа, како што рече, е во рамки на она што е утврдено од страна на управниот одбор на ЈСП Скопје и на Советот на Град Скопје. 

- Тендер има кога ЈСП набавува, а не кога дава услуга. Услугите се даваат под дадена услуга, рече Шилегов.

 

 

 

10.01.2018 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега