Со препораки на претходната власт од пред 5 години Град Скопје ќе ги штити граѓаните од загадениот воздух

Градските власти се уште немаат утврдено конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.. Иако мерните инструменти го запалија црвениот аларм, од Градот Скопје засега не откриваат како во претстојната зима ќе се справат со енормната загаденост, пишува Сител.

-Како Градоначалник на Скопје, уште од првиот ден на сопствениот мандат, ќе започнам сериозен концепт, сериозни мерки кои ќе придонесат за ослободување на Скопје од енормното загадување, изјави Петре Шилегов кандидат за градоначалник на 12 октомври 2017 год.

Денес 20-тина дена подоцна, градските власти наместо конкретни мерки понудија препораки кои ги утврдила претходната власт пред 5 години.

Во согласност со Заклучокот од 108-та седница на Владата одржана на 25.12.2012 година, во случај на надминување на концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот во текот на пет последователни дена над 50 микрограми на кубен метар, градоначалникот на град Скопје објавува препораки до граѓаните и институциите, пишува во известувањето од градот Скопје..

По вчерашните најави за поскапување на паркирањето во центарот на градот, денеска вина за загадувањето градоначалникот Шилегов пронајде меѓу бездомниците кои палат оган на отворено..

-Она што ние го имаме мапирано во меѓувреме како диви депонии кои се палат биде спречено. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика, кај Бриколаж имаме обезбедено место каде што луѓето кои што палат диви огнови би можеле да се згрижат, меѓутоа кога ќе се довршат сите работи ќе биде објавено во јавноста и луѓето бездомници да има и зимава каде да презимат а да не се палат диви огнови по депониите, вели Петре Шилегов, Градоначалник на Скопе.

Заедницата на еко-активисти „Скопје Смог Аларм“ бара од Владата да оформи посебен фонд за заштита на животната средина со одвојување на еден процент од проектираниот БДП за идната година.. Но велат и дека досега понудените мерки можат да го намалат загадувањето ама пречка е бавната работа на институциите..

-Законските регулативи се направени многу конфузно, значи не може еден без друг да дејствува, власта не е централизирана, треба повеќе соработка меѓу општините, дека Аеродром не може сама да се исчисти доколку Гази Баба не превземе исто така мерки, вели Елена Ѓорѓиоска од „Скопје Смог Аларм“.

Сообраќање на возила само од јавниот превоз во централното градско подрачје, заштита од емисии на прашина за сите објекти во градба, привремена забрана за работа на индустриски капацитети со А и Б интегрирани дозволи, се дел од мерките кои ги нудат активистите на „Скопје Смог Аларм“ како можност за намалување на аерозагаденоста..

Возила, градежната индустрија, затоплување со цврсти горива. Ова се најголемите извори на загадување во Скопје сметаат граѓанските активисти. Велат дека со строга казнена политика може да се влијае врз загадувањето во градот.

 

 

 

07.11.2017 - 18:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега