Од идниот викенд забрана за автомобили на Водно

Од 15 ноември Град Скопје ќе забрани движење на возила до Средно Водно. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека работат за сообраќајно решение со кое ќе се реши хаосот со паркирани возила во парк шумата Водно.

„Од 15 ноември ќе биде дозволено автомобили да се качуваат само до делот кај новиот пат кој води кон Сончев град. За да им овозможиме на граѓаните да стигнат до Средно Водно ќе воведеме повеќе автобуски линии, односно покрај постојната линија која од Транспортен центар вози до Средно Водно, ќе отвориме два нови пункта, едниот кај поранешна „Нова Македонија“ а вториот спроти Цветен пазар“, рече Шилегов.

Новиот режим за движење на Водно нема да стартува овој викенд туку наредниот бидејќи Шилегов чека да постави нов директор на ЈСП„Скопје“, за да може да воведе нови автобуски линии.

Изминатиов викенд, паркинзите на Средно Водно не беа доволни за паркирање на автомобилите, па во паркинг беше претворен патот до Средно Водно. Пешаците и велосипедистите немаат каде да поминат. Возила имаше од двете страни на патот, па дури ни колите не можеа да се разминат. Граѓаните на социјалните мрежи бараа новото раководство во Градот веднаш да забрани движење на возила, особено за време на викендите во зимскиот период кога заради загадувањето во Скопје, Водно е преполно со граѓани.

Поранешниот градоначалник Коце Трајановски му се заблагодари на Шилегов што реализирал план од неговата програма.

Господине Петре Шилегов, сакам да ви се заблагодарам што реализирате проект од мојата изборна програма, а кој го нема во вашата. Среќен сум што Водно барем за викендите ќе биде без автомобили, напиша Трајановски на својот Фејсбук профил.

Имено, во предизборната кампања за локалните избори, конкретно на 1-ви октомври, Трајановски пред скопјани го обелодени овој проект.

-Тука сме на средно Водно, да промовираме уште еден проект од мојата изборна програма, а тоа е ден без автомобили во викендите за средно Водно. Имено, со оглед на тоа што се создаваат големи гужви од автомобили на средно Водно во текот на викендите, ние ќе предвидиме за овие автомобили во катната гаража да имаат бесплатно паркирање, а исто така и на паркингот пред Нова Македонија, а потоа со автобуски превоз да доаѓаат посетителите до средно Водно. На тој начин, сметаме дека ќе ги избегнеме гужвите и воедно ќе овозможиме заштита на парк-шумата Водно со оглед на тоа што таа е една од главните спортско-рекреативни центри  во градот Скопје, истакна тогаш Трајановски.

 

 

 

 

 

07.11.2017 - 11:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега